ЌЕ ПОЕВТИНАТ ЛИ АВТОМОБИЛИТЕ? Европа на чекор до ценовна војна, кинеските брендови ја менуваат играта

Во Европа веќе се забележуваат попусти од 10% до 15% кај одредени модели, особено кај електричните возила кои производителите се обидуваат да ги направат попривлечни за купувачите. Што значи овој тренд?

282

Европскиот автомобилски пазар влегува во нова, неизвесна фаза, во која цената станува клучно оружје во битката за купувачите. Изјавата на шефот на Волво, Хокан Самуелсон, дека Европа би можела да се соочи со ценовна војна, отвори дилема: дали конечно доаѓа период на поевтини автомобили или станува збор за претерани очекувања?

Реалноста, како и обично, е некаде помеѓу. Сигналите за притисок врз цените се реални. Во Кина веќе неколку години трае жестока борба меѓу производителите, каде домашните брендови како BYD агресивно ги намалуваат цените за да освојат пазарен удел. Овој модел сега полека се прелева кон Европа, каде кинеските компании настапуваат со пониски цени, богата опрема и со сè подобар квалитет. За европските брендови тоа значи јасен избор – или ќе се прилагодат, или ќе губат клиенти.






Понудата ја надминува побарувачката

Дополнителен проблем за индустријата е слабата побарувачка. Според податоците на Европското здружение на производители на автомобили (АСЕА), регистрациите на нови автомобили во Европската Унија на почетокот на 2026 година бележат благ пад од околу 1,2%. Истовремено, електричните возила достигнуваат удел од речиси 19%, што значи дека пазарот се трансформира, но не расте доволно брзо за да ја апсорбира зголемената понуда. Кога понудата ја надминува побарувачката, ценовниот притисок е неизбежен.

Ситуацијата дополнително ја комплицира фактот што европските производители веќе чувствуваат притисок на глобално ниво. Германските гиганти како Мерцедес Бенц и Фолксваген, бележат пад на продажбата во Кина, најголемиот автомобилски пазар во светот. Таму, локалните конкуренти нудат поевтини електрични модели со современа технологија, што ги тера европските брендови да прават компромиси и да размислуваат за намалување на цените и на други пазари.

Европа ќе се спасува од кинескиот дампинг

Но, Европа не е Кина – и тука доаѓа клучната разлика. Европската Унија веќе презеде мерки за да го ограничи налетот на евтините кинески автомобили, воведувајќи царини за електричните возила од Кина. Брисел дури размислува и за механизми како минимални продажни цени, со цел да спречи „дампинг“ што би можел да ја уништи домашната индустрија. Тоа значи дека целосна ценовна војна, каква што се гледа во Кина, во Европа е многу потешко остварлива.

Сепак, тоа не значи дека цените ќе останат исти. Напротив, веќе се забележуваат попусти од 10% до 15% кај одредени модели, особено кај електричните возила кои производителите се обидуваат да ги направат попривлечни за купувачите. Наместо директно намалување на ценовниците, производителите сè почесто нудат поволни лизинг-услови, бонуси и дополнителна опрема без доплата – што практично значи скриено поевтинување.

Што може да очекува Македонија?

Иако Македонија не е дел од ЕУ, таа директно ги чувствува трендовите од европскиот пазар. Поголема конкуренција и попусти во Европа значат поатрактивни цени и кај домашните дилери, особено за возила увезени од ЕУ. Тоа може да доведе до подобри услови за купување, но и до пад на цените на половните автомобили, кои традиционално се увезуваат од Германија, Италија и други европски земји.

Како и да е, Европа сè уште не влегла во отворена ценовна војна, но сите предуслови за тоа полека се создаваат. Притисокот од Кина, слабата побарувачка и трансформацијата кон електрични возила ја туркаат индустријата кон новата реалност. За купувачите тоа може да значи повеќе избор и подобри цени, но за производителите – тежок период во кој профитот ќе биде под силен удар.

Поврзани содржини