Е па да ги отвориме „рајските порти“

И тогаш сè  би ни било рамно од тука па до Истанбул, „един народ во една држава“, заеднички јазик и историја, иста црква, светители, преродбеници, херои…! Ако е така, тогаш „проблемот“ можеме да го решиме уште поедноставно, без пристапни преговори и други глупости: треба само да ги отстраниме рампите на двата – или колку веќе ги има – гранични премини кон источниот сосед и сите среќни и задоволни. Наместо да ги пикаме во Уставот, ширум ќе им ги отвориме рајските порти и така особено ќе ги „заебеме“ Бугарите, како што викаше некој!

737

Целиот оној оркестар од квази-интелектуални вувузели на таканаречената опозиција, особено оние самонаречени и самонарачани „независни“, кога немаат ама баш ниту еден аргумент за суштински прашања – а најчесто немаат! – ја потегувнаат за уши секогаш податливата и добредојдена за такви типови иронија, лиферувајќи „гемишт“ од потсмешливи, зајадливи, гротескно неуки и очебијно завидливи песнички. Тоа се во основа лесно сварливи петтооделенски сочиненија, а како четиво насочени кон еден грст нивни истомисленици и, особено, газдите им, од кои, се разбира, очекуваат милозвучни пофалби и некоја паричка плус. И цел живот го поминаа така, слугувајќи.

Се разбира, и дел од јавноста „се лепи“ на такви иронични вратоломии, но сепак повеќе потсмешливо и со доза на неверување дека некој, сè уште, грчевито се бори за „француската рамка“, за слоганот „Бугарите во Устав“, филуван со сите оние безобразни уцени напикани во т.н. протоколи. И дека дури се осмелува иронично да ги подметнува „идентитетот, јазикот и славната ни историја“ како пандан на Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.






Се разбира, тие „нешта“ викани „идентитетот, јазикот и славната ни историја“ не мора секому да му значат исто. И секој има право да се однесува кон нив како што чувствува, и милува. Дури и потсмешливо. Но – дома, во својата приватност. Јавно никој го нема правото да се потсмева со чувствата на другите и нивното почитување на „идентитетот, јазикот и славната ни историја“. Уште помалку да ги става на иста вага со некакви „кампови (логори), или кажано креативно (…) неколку прифатилишта за емигранти“! Таква мизерна иронична споредба никому не е дозволена, барем не јавно. Но, се разбира, секој според сопственото разбирање на моралот, културата, домашното воспитување, но и на „идентитетот, јазикот и славната ни историја“!

А кога тие „нешта“ ќе ги спуштите на такво дно, тогаш сè друго е дозволено. Дури и „француската рамка“, слоганот „Бугарите во Устав“, сите оние безобразни уцени напикани во т.н. протоколи итн. А спомнувајќи ги повторно, не знам зошто никој не ги преобјавува, не ја потсетува јавноста со што всушност, покрај „идентитетот, јазикот и славната ни историја“, тргуваа оние Османи и Заев, а со нив и оваа булумента подопашници. Мислам дека и денес голем дел од јавноста не е целосно информиран за нивната содржина односно за условите што тие ги поставуваат пред државата. Зашто, сите некако се вртат околу она „Бугарите во Устав“ и – толку, што е ноторна лага. Намерна, смислена. А протоколите „не биле услов“!

Но, македонската јавност – особено оние полуписмени кафеански „интелектуалци“ – мора континуирано да биде потсетувана и на многу други нешта сврзани со Договорот за пријателство и добрососедство, на којшто спомнатине му даваат предност пред Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. И од тоа уживаат да прават иронични скаски. На јавноста треба да ѝ биде посочен и ставот на, на пример, Радосвета Василева (Бугарка, доктор по компаративно и јавно право) во „Брисел тајмс“, која укажуваше на една „прилично чудна одредба“ од Договорт: „Неговиот член 8 став 2, на кој инсистира Владата на Борисов и кој е во основата на ветото на Бугарија, бара двете земји да формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, со цел да придонесат за објективно, научно толкување на историски настани, засновани врз автентични докази и историски извори. Како што се чини според јавно достапни информации, оваа одредба се толкува дека експертската комисија треба да постигне заеднички наратив за различни настани од Средниот век до Втората светска војна. Исто така, видливо е дека и двете страни се обидуваат во оваа комисија да ги наметнат своите ставови како крајна историска вистина“. И појаснува: „доколку Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија ја немаше оваа одредба за историјата, Владата на Борисов ќе немаше вистинска алатка за притисок со псевдо-правна основа на која може да се потпре.“ Појасно ли им е на шутрацине?

А впрочем, може почесто да се цитира и онаа изјава на „големиот“ Заев: „Знаете, јас сум од Струмица. Петричани и струмичани зборуваат ист јазик, толку сме блиски. Тоа е македонски или бугарски јазик?“ прашуваше тој, потенцирајќи дека всушност „Југославија била таа што нè разделувала“!

Или лесно е да распродаваш туѓ идентитет, јазик, култура и историја, да си играш пиши-бриши со спомениците од НОБ посветени на жртвите на бугарскиот фашистички окупатор, да подметнуваш приказни за некаква најбогата земја и рајска градина на Балканот…? А можеби со Бугарија навистина би биле најбогата земја не само на Балканот?

И тогаш сè  би ни било рамно од тука па до Истанбул, „един народ во една држава“, заеднички јазик и историја, иста црква, светители, преродбеници, херои…! Ако е така, тогаш „проблемот“ можеме да го решиме уште поедноставно, без пристапни преговори и други глупости: треба само да ги отстраниме рампите на двата – или колку веќе ги има – гранични премини кон источниот сосед и сите среќни и задоволни. Наместо да ги пикаме во Уставот, ширум ќе им ги отвориме рајските порти и така особено ќе ги „заебеме“ Бугарите, како што викаше некој! Нема да знаат што ги снашло. А со тоа едновремено ќе им ги избиеме и сите адути на оние малоумници, меѓу нив и Ангел Џамбаски, за кој братските народи од двете држави „ги дели една наложена граница“. После таквиот наш потег нема да смее да писне!

А замислете ги тогаш и тетка Урсула, или онаа „автобиографкана“ Калас – каков шок. Па оној Кошта, не ќе мора да се занимава ни со „План А“, камоли со „План Б“, итн., итн.

На крајот, а да не остане некажано: кога историјата би била онаква каква што се обиде да ни ја претстави една бивша (заскитана) пратеничка, дека „Луѓето мислат дека историјата е завршена работа. Каква кардинална заблуда. Какво страшно незнаење“, тогаш сите оние актуелни сомнабулни конструкции би биле легализирани. Односно, сништата би станале реалност. Но, не е баш така. Секако, историјата не е математика, ама дека баш секој може да ја менува, допишува, одзема или додава според дневен ќеф…? Таквата мисла ги задоволува до екстаза само оние историски неписменине, или крадците на историјата. Како официјалната бугарска политика и нивните „интелектуални“ инсталации во Македонија. Или актуелните европски интерпретации на Втората светска војна – демек во инает на Путин – и некои македонски полуписмени поддржувачи на истите. Ништо повеќе.

Сакам да кажам: не се спорни интерпретациите на историјата, особено на сопствената историја, сè до мигот додека се во рамките на прифатените научни толкувања на нештата. Инаку, тие преминуваат во фикција, во список на желби и, што е уште пострашно, во директен фалсификат. Како оној на некојси бугарско-американски „научник“ кој несмасно се обидува да ја релативизира улогата на Бугарија во депортацијата на Евреите од Македонија односно вкупното соучесништво на источниот ни сосед во едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото!

Се разбира, некој можеби – со право – ќе праша дали оваа македонска оркестрирана збирштина на гласови во полза на „бугарското решение“ се обидува да го прави истото? Не знам, не сакам да искажувам лесни судови, но македонската јавност, барем досега, не слушна ниту еден нормален коментар особено од локалниве „експерти“ на сите конструктивни варијанти од македонската власт за премостување на ветото. На пример, одложеното внесување на Бугарите во Уставот! Ништо освен иронични флоскули од типот на „слабите и силните“, „малите и големите“, „славната ни историја“ и др. Но, од друга страна, за нив е логично Украина да ги одбие условите на Русија за брз прекин на војната, ама не е логично Македонија да ги одбие уцените на Бугарија и еу (малите букви се…) за почеток на пристапните преговори!

П.С.

Оној „Пинокио“, или бившиот од Водно, како сакате, после цела година во шок, конечно се јави во нова улога: како „стручен“ толкувач на куќниот совет за владини документи. Тоа успеале да му определат како партиска задача. Според капацитетите, се разбира. Ама ни тоа не го знае. Барем да отвори англиски речник и да побара синоними на „arrangement“. Нема да го најде „меморандум“ – зборот што му рекле да го подметнува. Дури, „одозгора на тога“, за него во тој Договор немало „ништо стратешко туку станува збор за кредитирање на проектите кои допрва ќе бидат прецизирани од двете страни“ (sic!). Фактот што во договорот учесниците „воспоставуваат партнерство“ за реализација на инфраструктурни проекти во повеќе клучни области (здравство, транспорт, технологија, енергетика и др.), како и размена на знаења, практики и експертизи, за наш Пинокио не значи ништо.

И за тоа ние доживотно ќе му ја плаќаме платата, кабинетот, возилото, возачот…

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини