„ЌЕ ОСТАНЕВМЕ БЕЗ ДЕНАР, ВО КАСАТА ИМАШЕ САМО 47 МИЛИОНИ ЕВРА“ Кочоска откри дека недостасувале милијарди за стипендии, плати…

Министерката откри дека претходната власт не обезбедила ниту основни средства за клучни обврски, како што се пензиите, здравството и социјалната заштита.

933

Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ и актуелна министерка за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, на трибина во Прилеп со тема „Економски раст и дигитална трансформација“ откри сериозни пропусти во државната каса кои ги затекнале по преземањето на власта.

– Во моментот кога ја преземавме функцијата, буџетскиот дефицит веќе беше реализиран над 70%. Девизната сметка имаше само 47 милиони евра, а следеше обврска токму во тој износ – практично ќе останевме без средства – изјави Кочоска пред присутните граѓани, претставници на јавни институции и бизнис секторот.






Таа нагласи дека преку навремен ребаланс и одговорен пристап, Владата успеала да стабилизира јавните финансии и да обезбеди економски раст.

Кочоска откри дека претходната власт не обезбедила ниту основни средства за клучни обврски, како што се пензиите, здравството и социјалната заштита.

– Недостасуваа 5,5 милијарди денари за пензии, 1,7 милијарди за здравство, милијарда за ТИРЗ, 437 милиони за студентски оброк и 207 милиони денари за стипендии – рече таа.

Според Кочоска, дополнително не биле планирани ни 300 милиони денари за блок-дотации, ниту 330 милиони за изборни активности, а околу 5 милијарди денари биле неопходни за гаранции и покривање на обврски на јавните претпријатија.

– Соочени со финансиска дупка, обезбедивме 4,1 милијарда денари само за плати кои произлегуваа од колективни договори што претходната власт ги потпишувала без да има пари за нив – нагласи министерката.

Кочоска истакна дека Владата на Христијан Мицкоски за само три квартали обезбедила економски раст од 3%, пред сè благодарение на инвестициските политики.

– Бруто-инвестициите пораснаа за 18%, а 250 милиони евра преку Развојната банка се насочени кон приватниот сектор – веќе 125 милиони се искористени – рече таа.

Според неа, зголемен е и обемот на капитални инвестиции, платите во образованието и здравството се покачени, а бројот на вработени бележи раст.

Поврзани содржини