ЌЕ ОСТАНЕМЕ БЛОКИРАНИ АКО БУГАРИЈА НЕ СЕ ОТКАЖЕ ОД БИЛАТЕРАЛИЗАЦИЈАТА Процесот на евроинтеграции е жив, а бугарското вето е пречка само за отварање на преговорите според рамката
Процесот на евроинтеграции има многу сегменти и продолжува. Бугарското вето подразбира пречка за отворање на преговорите според преговарачката рамка. Ние се фокусираме на Планот за раст, бидејќи ЕУ преку оваа рамка им овозможува пристап на граѓаните на Западен Балкан кон услуги кои ексклузивно биле само за земји членки на ЕУ, вели министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Централна тема на денешната билатерална средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос ќе биде Планот за раст, меѓутоа на секој состанок со високите претставници од Брисел разговараме и за изнаоѓање можни решенија за преговорите за членство, со зачувување на нашите позиции и со обезбедување на процесот на евроинтеграции до крај, така што, очекуваме дека и таа тема ќе се отвори на денешната средба, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција по повод една година Влада.
Во врска со пораките од еврокомесарката Кос, Муртезани рече дека дека не може хипотетички да одговори, но дека „сè што води во насока на дијалог што ќе значи предвидливост во процесот на преговори, за нас е добредојдено“.
– И премиерот лично и Владата во неколку наврати сме изразиле подготвеност да го почнеме тој дијалог, што ќе води до откочување на процесот – изјави Муртезани.
Прашан околу спорот со Бугарија и политичката блокада на преговорите си ЕУ, Муртезани рече дека процесот на интеграција на земјата во ЕУ не е само бугарското вето, односно, дека процесот е жив.
– Процесот е жив, има многу сегменти и продолжува. Бугарското вето подразбира пречка за отворање на преговорите според преговарачката рамка. Ние се фокусираме на Планот за раст, бидејќи ЕУ преку оваа рамка им овозможува пристап на граѓаните на Западен Балкан кон услуги кои ексклузивно биле само за земји членки на ЕУ. Затоа, без да станат членка граѓаните на земјите кандидати може да бидат дел од овие поволности – изјави Муртезани.
Во однос на барањето решенија и отворање на преговорите, Муртезани посочи дека нашата држава секогаш покажувала спремност.
– Но, за жал, тенденцијата на билатерализација ги потврдува нашите ставови дека билатерализацијата ќе продолжи и понатаму – изјави Муртезани.
Тој посочи дека како Влада не се плашат од никакви барања, туку бараат тие нови барања да не бидат билатерални и да не се претвораат во блокади.
сè – Кога ги слушаме високите претставници од Брисел, тие велат спроведете ги уставните измени. Кога ги слушаме претставниците од Бугарија, тие велат уставните измени, преговарачката рамка, протоколите. Ова значи дека не е истиот став. Ако се инсистира на сите овие нешта на кои инсистира Бугарија, вклчувајќи го и вториот протокол, тоа е голем ризик. Ако внимателно го читаме протоколот, гледаме таму сè е билатерализирано и сите тие чекори во иднина може многу лесно да се претворат во блокади – изјави Муртезани.
Во врска со протоколите од Договорот за добрососедство со Бугарија, Муртезани рече дека клучниот проблем е унилатералната позиција на Бугарија, која што се претвара во заедничка позиција на ЕУ.
– Унилатералната интерпретација на сите тие документи на Бугарија е преку призмата на билатерализација. Ние сметаме дека за сите тие документи, од кои што дел се во преговарачката рамка, а дел не се, со тргање на диоптријата на билатерализација може да се најде начин ние да се движиме напред. Меѓутоа ако се инсистира на сите тие документи да се гледа исклучиво од билатерална диоптрија, мислам дека ќе останеме блокирани и понатаму – изјави министерот за евроинтеграции.
Според Муртезани, не значи дека ако имаме завршена преговарачка структура, таа ќе чека се додека не се изнајде решение со Бугарија. Посочи дека државата веќе ги има добиено сите шест извештаи од скрининг процесот и структурата за преговори, која е надлежна, ќе ги земе и ќе дава насоки на институциите за спроведување на потребните реформи.