ЌЕ ОДГОВАРААТ МАЛОЛЕТНИЦИТЕ ШТО ПРИКАЖУВАЛЕ СОУЧЕНИЧКИ КАКО ПОРНО-АКТЕРКИ Фотомонтажите скапо ќе ги чинат
Малолетниците, сите ученици во деветто одделение во основно училиште, како соизвршители, неовластено преземале приватни фотографии од нивни соученички, ги монтирале и меѓусебно ги споделувале.
Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднело Барање за поведување подготвителна постапка против шест деца во судир со законот за кои постои сомнение дека сториле продолжено кривично дело кое е санкционирано како Злоупотреба на лични податоци од член 149 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Малолетниците, сите ученици во деветто одделение во основно училиште, како соизвршители, неовластено преземале приватни фотографии од нивни соученички, ги монтирале и меѓусебно ги споделувале со врсници, со цел да ги навредат и исмеваат и да нанесат штета на угледот на оштетените.
Претходно, беше објавено дека Обвинителството добило вештачење за настанот со злоупотребени фотографии на малолетни девојчиња од страна на деветоодделенци во Кавадарци.
Основното училиште на 13 октомври пријавило во кавадаречката полиција дека шест малолетници злоупотребиле фотографии од малолетни девојчиња. Родител на едно од девојчињата за агенцијата МИА рече дека деветтоодделенците правеле монтажи, така што главите од фотографии на девојчињата, преземени од Фејсбук ги монтирале со апликација на експлицитни фотографии од голи тела и ги споделувале по групни четови.