ЌЕ ОДАМ НА ЛИДЕРСКА ЗА ДА КАЖАМ НЕ Мицкоски ќе прави пакт за национално и државно единство

Не можам да ја разберам сервилноста на власта, нивното падавичење и отворено бескичмено додворување пред странскиот фактор, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

773

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека ќе оди на лидерска средба и во името на огромното мнозинство на народот кој бара заштита и очекува застанување на нозе, ќе каже дека уставни измени, прифаќање на бугарски диктат нема да има.

– Цела недела гледаме една сапуница, каде со доза на напнатост од медиумите се дознава дали премиерот ќе прати официјално покана за лидерска, па потоа дали Ахмети ќе се согласи Ковачевски во 4 очи да разговара за иднината на својата држава, за да на крајот дали раководството на СДСМ ќе има доволно храброст и доверба во својот претседател Ковачевски да го пушти на таква средба. Еве ќе им кажам јас Христијан Мицкоски ќе дојдам на лидерска средба и во името на огромното мнозинство на народот кој бара заштита и очекува застанување на нозе, ќе кажам дека уставни измени, прифаќање на бугарски диктат нема да има. Јас нема да дозволам да се прави крпа од волјата на народот како што тоа го прави власта, ниту пак да дозволам да газат по националните интереси. Македонија не е на распродажба – рече вечерва Мицкоски.






Тој додаде дека, како што рече, не може да ја разберам сервилноста на власта, нивното падавичење и отворено бескичмено додворување пред странскиот фактор.

– Тоа е така поради отсуство на достоинство и принципи кое е последица на тоа што немаат резултати во работата и се надеваат на простување и замижување на недостатокот на реформи. Сето ова донесе колективни неуспеси за Македонија. Кој сака може да ги затвора очите пред нивните тешки криминали, но јас нема и кажувам дека ќе одговараат за се што направија и за се што му погрешија на народот и на државата .- истакна Мицкоски.

Тој од меѓународниот фактор рече дека бара ЕУ да даде фер шанса за народот и за Македонија и предупредува дека клучно е да се отвори темата што по неуспехот на уставните измени.

– Се чини дека владата нема никаков план ниту пак говори за тоа. Од друга страна имаме премиер кој е уценет. Имаме премиер кој ДУИ го држи во заложништво, а токму тие се вистинските газди во владата, газди на криминалот и господари на туѓите судбини. И затоа ви велам дека ќе направам се за ДУИ оди во опозиција, и подготвен сум да направам пакт за национално и државно единство со сите некриминализирани сегменти во државата од било која провиниенција само за да ДУИ после 20 години власт да оди во опозиција – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

И ова не го зборувам затоа што на овој начин сакам да го градам својот рејтинг, и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како што тие луѓе од раководството на ДУИ јавно го зборуваат. Ова го зборувам затоа што верувам во тоа. Кога тие ќе заминат во опозиција, ќе и се раздени на Македонија, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека „таквиот пакт за национално и државно единство ќе биде и добар одговор да ги здружиме силите и да се избориме низ силните предизвици кои надоаѓаат и да се бориме за фер шанса за која ви говорам“.

Поврзани содржини