„ЌЕ НАПРАВИМЕ СÈ ЗА ДА ПРЕЖИВЕЕ“ Позната е состојбата на човекот кој се поли со бензин пред хрватската влада
Тој има изгореници од четврти степен на речиси целото тело. Дури има и внатрешни изгореници, рече д-р Видовиќ.
Претставници на Клиниката за трауматологија на КБЦ „Сестрите на милосрдието“ во Загреб соопштија дека човекот кој се самозапали пред хрватската Влада е во животна опасност.
– И покрај брзата реакција на итните служби, и покрај навремено спроведените итни мерки на интензивно лекување, животот на пациентот е во опасност поради природата и обемот на повредите. Го следиме неговиот развој, сместен е во делот за интензивно лекување на Одделот за изгореници – рече д-р Видовиќ и додаде:
– Тој има изгореници од четврти степен на речиси целото тело. Дури има и внатрешни изгореници.
Според Видовиќ медицинските лица ќе направат сè за човекот да преживее:
– Прогнозата е лоша, но да му дадеме шанса на човекот да преживее. Ќе направиме сè што е можно денеска да го спасиме човекот – рече д-р Видовиќ.
Станува збор за маж кој има 67 години.
– Често наидуваме на изгореници, но вакво нешто немаме со години – изјави Видовиќ и ја пофали брзата реакција на итната помош.
Мажот моментално е без свест, интубиран и го згрижуваат тројца лекари.
– Тоа е многу сериозна ситуација – рече Давор Вагиќ, директор на КБЦ „Сестрите на милосрдието“. Toj додаде:
– Им благодарам на колегите кои беа тука и му помогнаа на Одделот за изгореници. Апсолутно беше направено сè за да му се помогне што е можно поскоро.