Ќе најдат ли начин лидерите повторно да го свикаат распуштеното Собрание?

Една од дилемите е дали ќе се оди на варијантата изборниот процес кој веќе е во тек, да се замрзне или целата изборна процедура да почне одново.

737

Како да се одложат изборите, а притоа одлуката да биде правно издржана е главната тема за која денеска ќе треба да најдат решение партиските лидери на средбата кај претседателот на државата Стево Пендаровски, откако едногласно излегоа со став дека поради коронавирусот гласањето на 12 април треба да се одложи.

Лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и ДПА ќе треба да најдат начин претседателот на Собранието Талат Џафери да го свика Собранието за одлуката за изборите да се поништи.






Претседателот на Собранието порача партиите да најдат начин како повторно да се свика Собранието.

Дилемите се и дали новата одлука која ќе треба да ја донесе Собранието за поништување и презакажување на изборите ќе биде со одреден датум кога ќе биде закажано новото гласање или да се наведе месецот за одржување на парламентарните избори. Сега се шпекулира со термини во јуни или во октомври. Неизвесноста е дека не може да се предвиди кога епидемијата на коронавирусот ќе стивне за да биде безбедно гласањето за граѓаните и за целата администрација вклучена во изборниот процес.

Друга дилема е дали ќе се оди на варијантата изборниот процес кој веќе е во тек, да се замрзне или целата изборна процедура да почне одново.

Дали ќе важат кандидатските листи за пратеници, кои партиите веќе ги доставија до Државната изборна комисија, а ДИК ги утврди? Или ќе се оди одново со кандидирање на нови пратенички листи?

Доколку се оди на варијантата изборниот процес да се замрзне, тоа ќе значи дека тој ќе продолжи во согласност со новиот датум (ако тој биде утврден) за изборите таму каде што застанал.

На средбата ќе треба да се најде решение и дали по одложувањето на изборите ќе продолжи да владее техничката влада со Оливер Спасовски или ќе се врати старата влада предводена од сега експремиерот Зоран Заев.

Ако лидерите најдат начин повторно да го свикаат Собранието, претседателите на партиите ќе треба да се договорат и за тоа дали Собранието ќе заседава и за кои прашања. Размислувањата во партиите се дека Собранието до новиот датум за избори ќе треба да си ги преземе своите овластувања, односно да заседава и да одлучува во случај на прогласување на кризна или вонредна состојба поради епидемијата со коронавирусот.

Сите дилеми кои се отворија по барањето и согласноста на партиите да се одложат изборите се очекува да бидат појасни по лидерската кај шефот на државата закажана за денеска во 12.30 часот.

Според правници, проблематично е да се најде решение за повторно свикување на веќе распуштено Собрание.

Собранието во 2016 година донесе одлука за одложено распуштање заради распишување избори, прво во април, а потоа и во јуни истата година. Но, двете одлуки беа поништени од Уставниот суд.

Според други размислувања во партиите, не е битна формата и процедурата како да се најде начин Собранието повторно да се свика и да заседава за да ја поништи одлуката за распишување на изборите, бидејќи ситуацијата со коронавирусот е сериозна и граѓаните не треба да се изложуваат на дополнителен ризик да гласаат на избори, туку тие да се одложат.

Поврзани содржини