Ќе му го продаде ли Шилегов споменикот на Борис Сарафов на Каракачанов?

Споменикот стана повторно актуелен откако бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов изјави дека сака да го купи.

1,918

Споменикот на Борис Сарафов, кој сака да го купи партијата на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, се наоѓа во РЖ Институт, неофицијално дознава Плусинфо.

Изворот тврди дека споменикот е во сопственост на Град Скопје и никој друг освен Градот не може да го земе.






– Поради градежни работи, споменикот на Борис Сарафов беше отстранет од пред зградата на Министерството за надворешни работи уште во 2016 година. Од тогаш, тој се наоѓа во РЖ Институт. Целосен е и не е претопен, како што се зборуваше во јавноста. Овој споменик е во сопственост на Град Скопје и никој друг освен Град Скопје не може да го земе – велат нашите извори.

Споменикот на Борис Сарафов кој е висок пет метри и стоеше на триметарски постамент беше тргнат од пред Министерството за надворешни работи на 10 декември 2016 година. Тогаш од Град Скопје не кажаа зошто се трга и каде ќе се носи.

Од Град Скопје кој од 2013 година е наделжен за спомениците од проектот „Скопје 2014“, иако ветија не одговорија на прашањата на Плусинфо околу тоа каде се наоѓа овој споменик. Не добивме одговор ниту од општина Центар на чија територија беше поставен споменикот, а прашавме дали ќе се дозволи бугарскиот вицепремиер да го купи споменикот.

Од Народна Банка, пак, рекоа дека споменикот не е нивна надлежност иако бил премесетен поради изградбата на новата зграда на Банката веднаш до Министерството за надворешни работи.

– Народната банка нема надлежност и нема учествувано во дислокација на споменикот што го посочувате. При пристапување кон изградба на новиот објект на Народната банка, локацијата на којашто се гради објектот, на Народната банка беше предадена без на него да се наоѓа конкретниот споменик. Народната банка нема информации и надлежности за активностите што други институции ги реализирале на споменатата локација пред отпочнување на изградбата на објектот – велат од НБ.

Споменикот на Борис Сарафов беше поставен на платото пред зградата на Министерството за надворешни работи. Тој е подарок од авторката Валентина Стефановска на Општина Центар на која тогаш градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, во знак на благодарност за успешната соработка како автор на низа споменици.

Колку чинеше неговата изградба Општина Центар тогаш не кажа, оти се работи за донација. Во 2016 година тој беше тргнат од местото и од тогаш не се знае каде се наоѓа.

По изборот на Андреј Жерновски за градоначалник на Општина Центар, тогашниот градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски во 2013 година ги презеде спомениците од проектот „Скопје 2014“ во надлежност на Градот.

 

Поврзани содржини