ЌЕ ЛЕЖИ ЛИ ДИМКОВСКИ ЗА КРИМИНАЛОТ СО ЗАЕВ, ФИЛИПЧЕ И СО НИКОЛОВСКИ На црн пазар во соседна земја завршиле 2.000 тони пченица и јачмен, обвини Андоновска
Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ праша дали триото Заев, Филипче и Николовски делело еднаков процент од продажбата вредна 800.000 евра и дали од СДСМ се толку гласни за земјоделството, затоа што знаат каков криминал направиле.
Зоран Заев, Венко Филипче и Љупчо Николовски дозволиле 2.000 тони пченица и јачмен во вредност близу 800.000 евра од државните стокови резерви да се најдат на црн пазар на една соседна држава, рече денеска Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
– Иако пченицата постоела и била употреблива, Димковски и уште 4 лица направиле записник во кој напишале дека има помалку 2.000 тони јачмен и пченица, а овој записник, Заев, Филипче и Николовски, без никакви проверки го заклучиле на владина седница – рече Андоновска.
Со оваа постапка, се поставува прашањето дали Заев, Филипче и Николовски биле свесни за криминалот што се случувал во Агенцијата за стокови резерви, праша Андоновска.
– Дали Димковски за овој криминал кој е проценет на близу 800.000 евра, добил дозвола и насока од страна на Заев, Филипче и Николовски? Дали ова трио добило еднаков процент и затоа сега Димковски ќе лежи за овие тројца? Затоа ли од страна на СДСМ се толку гласни за земјоделството, затоа што знаат каков криминал имаат направено – праша таа.
Владеењето на СДСМ, додаде Андоновска, изобилува со криминални и со коруптивни методи.
– Наместо државата да има стокови резерви, тие најверојатно завршувале на црните пазари во една соседна држава, продавајќи ги за енормно повисоки цени. Наместо парите да ги вратеа кај граѓаните и земјоделците, тие си ги пикнаа во џеб. Правда и одговорност мора да има и од првиот ешалон на тогашната власт – кажа Андоновска.