Ќе „кризираме“ или ќе глумиме нормалност до јуни?

Засега за продолжување на кризната состојба не разговарале парламентарните партии, велат собраниски извори за Плусинфо.

559

Неизвесно е дали Собранието ќе обезбеди мнозинство за продолжување на кризната состојба до јуни 2021 година, на барање на Владата. ВМРО-ДПМНЕ прво го чека извештајот за првите 30 дена од кризната состојба во Македонија, по што ќе заземе став. Најверојатно реферирањето за тоа што е сработено и колку кризната состојба која ја воведе Владата помогна за справување со коронавирусот ќе биде одлучувачко дали опозициските партии ќе му помогнат на парламентарното мнозинство да ја продолжи кризната состојба. Засега за продолжување на кризната состојба не разговарале парламентарните партии, велат собраниски извори за Плусинфо.

Со оглед на тенкото парламентарно мнозинство, позитивни на коронавирусот или пратеници во самоизолација и крајно заострените односи во Парламентот помеѓу власта и опозицијата, илјадниците амандмани за онлајн работата на Собранието, за законите за здравствена заштита и за пензионирање, извесно е дека до последен момент нема да се знае дали земјава и половината од 2021 година ќе ја живее во кризна состојба поради пандемијата со коронавирусот.






– Очекуваме да добиеме информација од првите 30 дена од кризната состојба, да ги проанализираме, па ќе се произнесеме. Инаку сметам дека деновиве имаме многу позначајни теми во државата. Состојбата со ковид-19, бугарското вето, состојбата со економијата – изјави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Од СДСМ најверојатно ќе дадат зелено светло бидејќи тоа било предлог кој доаѓа од Центарот за управување со кризи и треба да се поддржи.

Албанските опозициски партии, пак, според информација на Алсат, сметаат дека барањето на Владата е непотребно и необмислено.

– Собранието е функционално и ако се расправа за потребата од продолжување на ситуацијата, тогаш може да се продолжи за уште еден месец и така може континуирано да се одлучува секој следен месец, секогаш ако има потреба од кризна состојба. Од друга страна, Владата со вакво продолжување на кризната состојба сака да ја покрие својата неспособност за професионално управување со пандемијата – велат од албанската опозиција за Аласт.

Владата предложи Собранието да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба до 30 јуни 2021 година. Минатиот месец по предлог на Советот за безбедност, Владата воведе кризна состојба на целата територија на Македонија во траење од 30 дена.

Но, за одлуката да продолжи кризната состојба во земјава сега Собранието треба да даде зелено светло, бидејќи Парламентот е единствено надлежен за продолжување на кризната состоба оти според член 31 од Законот за управување со кризи за продолжување на кризна состојба, повеќе од 30 дена, одлука носи Собранието.

Кризната состојба која е на сила завршува на 19 декември годинава.

Поврзани содржини