ЌЕ ИЗГРАДИМЕ НОВ РЕГИОНАЛЕН ПАТ ДО ПОНИКВА Ветување од кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Пробиштип
Ќе изградиме детско одморалиште за настава во природа и организирање летни и зимски кампови за нашите ученици - додаде Тони Тоневски.
Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип, Тони Тоневски од ВМРО-ДПМНЕ, најави изградба на нов регионален пат кој ќе ја поврзува општината со ски-центарот Пониква, сместен на Осоговските Планини.
– Еден од моите приоритети е изградбата на регионален пат Пробиштип – ски-центар Пониква. Овој пат ќе значи директна врска со еден од најубавите планински центри на Осогово – изјави Тоневски во разговор за медиумите.
Според него, новиот пат ќе поттикне развој на туризмот, ќе отвори нови работни места и ќе ги поддржи локалните бизниси.
– Ќе изградиме детско одморалиште за настава во природа и организирање на летни и зимски кампови за нашите ученици – додаде тој.
Ски-центарот Пониква, сместен на 1.580 метри надморска височина, се наоѓа 20 километри северно од Кочани. Центарот располага со три ски-лифта и нуди терени за спорт и рекреација, викенд-куќи, хотели, одморалишта и угостителски објекти. Пониква е позната по својата природна убавина, еколошки чист амбиент и поволна клима, што ја прави атрактивна дестинација за зимски и летни активности.
Тоневски истакна дека изградбата на патот ќе ја отвори вратата кон нов економски и туристички циклус за целиот регион.
– Пробиштип се сака со проекти и дела. Гласај За тебе. За твоето место. За твојата иднина – им порача Тоневски на граѓаните на Пробиштип.