Ќе истече ли фреонот од ладилникот во кој е замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ, ако се пензионира поротникот Митко Сандев?
Правниците посочуваат дека чудно е тоа што претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, не пронашол навреме замена за судијата-поротник Митко Сандев кога веќе Законот за судови предвидува судии-поротници да бидат помлади од 60 години.
За сè што ве интересира, обратете се кај претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, бидејќи тој е запознаен со случајот. Ова е одговорот на судијата-поротник во предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, Митко Сандев, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта намерно не му дозволува да замине во пензија и покрај тоа што има наполнето 60 години.
Од партијата на Христијан Мицкоски велат дека Сандев, спротивно на неговата волја, се држи како судија-поротник, а крајната цел е имотот на ВМРО-ДПМНЕ да остане замрзнат. Ако тој замине во пензија и ако на негово место дојде друг судија-поротник, брифираат од партијата, тогаш предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ се враќаат од почеток, а тоа значи и одмрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, првиот човек на Кривичниот суд, Иван Џолев, кој впрочем одлучува дали поротникот останува или ја напушта функцијата, не одговори на нашите повици и СМС пораки.
Правните експерти со коишто разговараше Плусинфо велат дека Законот за судови јасно предвидува судиите-поротници да не бидат постари од 60 години, па како што посочуваат, чудно и симптоматично е тоа што Иван Џолев заборавил на содржината која е испишана во членот 80 и навреме не пронашол замена за Митко Сандев.
Навремена замена
Пензионираниот судија Трендафил Ивановски вели дека треба да се прави разлика помеѓу пензионирање и прекин на функцијата.
– Во конкретниов случај, судијата-поротник не оди во пензија, туку само му прекинува функцијата поради тоа што наполнил 60 години. Второ, чудно е тоа што претседателот на Кривичниот суд досега не пронашол замена за судијата-поротник. Едноставно, ќе назначел друг судија-поротник кој нема навршено 60 години и работата ќе беше завршена – посочува Ивановски.
Од друга страна, додава тој, сосема друга тема на разговор е дали и зошто судските предмети се враќаат од почеток откако на еден судија-поротник му прекинува функцијата.
– Законските решенија секогаш треба да поаѓаат од принципот владеење на правото – смета Ивановски.
Се топи мразот?
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат дека ако судијата-поротник Митко Сандев замине во пензија, тоа значи дека предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ се враќаат на почеток и автоматски се одмрзнува имотот на најголемата опозициска партија во земјава.
Но, оттаму додаваат дека власта тоа многу добро го знае и дека токму затоа му врши притисок на поротникот да не се пензионира.
– Митко Сандев ги исполнува условите да замине во пензија, но поради притисок од претпоставените тој не оди во пензија. Целта е да се држи замрзнат имотот на нашата партија, иако предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ се започнати 18 месеци по истекот на Законот за СЈО. Целта е да се зароби имотот и да се заробат ресурсите на партијата. Уште една спорна работа е тоа што поротникот-судија Митко Сандев истовремено е дел од статутарната комисија на Партијата на пензионери – брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочуваат дека ваквиот притисок се прави во пресрет на локалните избори, а причина е лошиот рејтинг на власта.
– На 14 март 2007 година е потпишан престанокот на мандатот на судија-поротник со навршени 60 години. Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, сега треба да поднесе иницијатива до Судскиот совет за прекин на мандатот на Митко Сандев. Нормално, по наредба на Зоран Заев, Џолев не поднесува никаква иницијатива и на тој начин дополнително врши терор врз нашата партија. Свесни сме дека сето ова му е најпотребно на Заев, бидејќи се ближат локалните избори, а СДСМ не може да се пофали со резултатите од анкетите – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Заев „бил у подрум“
Премиерот Зоран Заев вчера на прес-конференција истакна дека нема слушнато дека еден поротник-судија во предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ треба да оди во пензија, а како што додаде, судските работи немаат никаква поврзаност со Владата.
– Поротник е во судот, а судот нема никаква врска со Владата. Станува збор за предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, а јас како што знам, ако се смени поротник, предметот се враќа на почеток. Некој очигледно сака повторно да влијае врз правниот систем, па предметот никогаш да не се заврши. Дефинитивно немам коментар, бидејќи ова не е моја работа. Од опозицијата нека се обратат кај соодветниот суд и таму ќе им ги соопштат деталите околу ваквиот случај. Јас првпат слушам за целата оваа работа – рече Заев.
Во Законот за судовите, член 80, јасно е наведено дека на судијата-поротник му престанува функцијата со навршување на 60 години.
„На судијата поротник му престанува функцијата ако тоа сам го побара, ако трајно ја загуби способноста за вршење на должноста судија-поротник, ако е осуден за кривично дело на казна затвор од најмалку шест месеци, ако неуредно или несовесно ја врши дожноста на судија-поротник и ако наврши 60 години старост. Постапката за престанок на функцијата на судијата-поротник ја води Судскиот совет по предлог на претседателот на судот“, наведено е во член 80 во Законот за судови.
Во случајот „Талир“ е замрзната сметката и имотот на партијата и доколку биде назначен нов поротник случајот треба да се врати од почеток и имотот и сметката треба да бидат одмрзнати.