ЌЕ ИМА ВРАБОТУВАЊА ВО ЗДРАВСТВОТО И ПРЕРАСПРЕДЕЛБА НА ЛЕКАРИТЕ И НА СЕСТРИТЕ Има болници со повеќе кадар и болници со недостиг на персонал, вели Алиу
Никој не може да ги сопре вработувањата на 150 лица во Клиничката болница во Тетово, тој процес е при крај, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Не станува збор за неисполнети ветувања, туку за процес што е започнат и е при крај, рече министерот за здравство, Азир Алиу за вработувања во здравството, меѓу кои и 150-те вработувања во Клиничката болница во Тетово.
– Ние не ветивме, туку реализиравме. Процесот не е целосно завршен, но сите чекори за вработување на овие лица се завршени, освен потпишувањето на договорот и завршната средба со директорот. Ова е процес што веќе е во тек и не може да се поништи. Ниту министерот, ниту директорот не можат да одлучат да го откажат по локалните избори – едноставно тоа не е можно – изјави министерот Алиу во гостување на Алсат М.
Сите кандидати се тестирани и конечната листа е составена, додаде тој.
– Сега останува само последната административна фаза, што вклучува кратка средба со директорот и потоа потпишување на договорот – рече Алиу.
Министерот најави дека покрај овие вработувања што се во процес, ќе има и нови вработувања, поради големиот недостиг на кадар во здравствениот сектор во Македонија.
– Здравствениот сектор е екосистем што се соочува со сериозен недостиг на медицински сестри, технички кадар и лекари. Ние не можеме да го планираме буџетот врз основа на минатото, туку според реалните потреби. Во моментов го изработивме првиот нацрт-скен на состојбата и имаме две сценарија: институции со сериозен недостиг и институции со повеќе кадар отколку што е потребно – рече министерот Алиу.
Министерството подготвува внатрешна реорганизација за балансирање на медицинскиот кадар во согласност со потребите, како и за зголемување на транспарентноста и ефикасноста на услугите, додаде тој.
– Ќе има реорганизација на услугите и на кадарот. Ќе биде потребно време, но целта е здравството да стане поквалитетно и потранспарентно. Со дигитализацијата како трета столбна точка на реформата, граѓаните ќе имаат пристап до информации во реално време за секоја услуга и процес, вклучително и за случаите кога има доцнења или пречки – рече министерот Алиу.