Ќе има помош за тримесечна исплата на плати во компании кои страдаат од ковид-19 економската криза
Со овој закон, се уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите на работниците за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.
Владата на денешната 14-та седница го утврди Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, за исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020 година.
Со овој закон, информираат од владинатапрес-служба, се уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите на работниците за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.
На предлог на Министерството за финансии, денеска е утврден и предлогот за Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, кој исто така како и Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите е дел од четвртиот пакет за справување со економската криза предизвикана од коронавирусот.
– Со денот на влегувањето во сила на измените и дополнувањата од Законот за данокот на додадена вредност од 1 јануари ќе се изврши ослободување од данок на додадена вредност за донации дадени кон буџетски корисници за справување со коронавирусот ковид-19. Исто така ќе се одложи рокот за плаќање ДДВ заради ликвидносна поддршка на компаниите – соопштија од Владата.
Заради олеснување на процесот на издавање, пренос и прием на фактура, ќе се даде можност за користење на фактура во електронска форма (pdf или друг електронски формат).
Од 1 јануари 2021 година, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 10 отсто за продавањето храна и пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци. Исто така, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 5 отсто за определени занаетчиски услуги кои се вршат од страна на занаетчии што се запишани во занаетчиски регистар.