ЌЕ ИМА НОВА ТРАСА НА АВТОПАТОТ ВО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН, АКО УНЕСКО НЕ ЈА ОДОБРИ СЕГАШНАТА Мицкоски порача дека стружани не се заборавени од Владата
Премиерот појасни дека проблемот настанал бидејќи дел предвидената траса е повлечена низ подрачје кое е периметар заштитен од УНЕСКО за што реагирала и организацијата.
Владата е подготвена да разгледа нова траса за автопатот Требеништа – Ќафасан доколку УНЕСКО не даде зелено светло за проектот бидејќи поминува низ заштитено подрачје, изјави премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи изјава на опозициски пратеник дека владата ја заборавила Струга и не планира да ја поврзе со автопатот од коридорот 8.
Тој појасни дека проблемот настанал бидејќи дел предвидената трасата е повлечена низ подрачје кое е периметар заштитен од УНЕСКО за што реагирала и организацијата. Притоа решението донесено од претходната влада на СДСМ и ДУИ не предвидува поврзување со општина Струга со овој автопат.
– Сега треба да одлучиме дали ќе ги почитуваме правилата или не и ќе го третираме ова како шведска маса, па ќе го почитуваме само тоа што ни одговара. Таква непринципиелна политика оваа влада нема да води – вели Мицкоски.
Мицкоски рече дека се бара решение на проблемот, а шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски кој е во Париз ќе разговара со највисокото раководството на УНЕСКО.
-Тие ќе дојдат во Македонија и доколку траекторија којашто ја предвиделе, сѐ уште е спорна за УНЕСКО ќе бараме нов начин. Граѓаните нема да останат неповрзани -рече Мицкоски.
Тој додаде дека во јуни ќе се знае што ќе се случува, но јасно стави до знаење дека поврзувањето на Струга со автопатот ќе се гради.
-Граѓаните од Струга треба да бидат спокојни, бидејќи оваа влада е влада на целата територија на државата и нема намера никого да остави заборавен, вклучително и граѓаните од Кичево, Вевчани, Дебарца, Охрид и сите општини долж коридорите 8 и 10д. Никој нема да биде заборавен – рече Мицкоски.
Мицкоски, посочи дека прашањето на поврзувањето со автопат на Македонија со Абанија треба да им се постави и на властите во Албанија.
-Таму автопатот нема да биде до Ќафасан, нема да биде ни експресен пат, туку ќе биде на 20-25 километри пред Ќафасан. Тоа е вистинското прашање рече Мицкоски.
Тој порача дека нема да дозволи етничка поларизација, обвинувајќи дека такви обиди доаѓаат од опозициските партии.
-Додека сум премиер, нема да дозволам етничка поларизација во државата- рече Мицкоски, додавајќи дека во Вевчани, Дебарца и Охрид мнозинството население е македонско.
Премиерот нагласи дека изградбата на коридори е клучна за економскиот раст
-Како Влада ни одговара да се гради, затоа што на тој начин се зголемува БДП и економијата – рече тој.
Мицкоски притоа рече дека претходната влада зад себе оставила само аванси и провизии, без реална реализација на проектите за коридори.
-Од реализацијата на коридорите 8 и 10Д, во три години беше реализиран само аванс и, најверојатно, наплатена провизија – рече тој.
Мицкоски обвини и, за како што рече, „некои лоши дејанија“ во врска со проектот автопат на Коридорите 8 и 10д.