ЌЕ ИМА ИЛИ ЌЕ НЕМА ВОДА ?! Од Водовод со ново известување – водоснабдувањето во Скопје ќе биде нормално
Веста за прекин на водоснабдувањето во Скопје на официјалната страница на Јавното претпријатие, според новото известување, била пласирана од „неовластени лица“.
По објавувањето на вест дека денеска, 11 февруари, ќе има намален притисок и прекин во водоснабдувањето низ цело Скопје, од ЈП Водовод и Канализација го избришаа соопштението кое првично беше објавено на нивната страница на Фејсбук и испратија известување дека Скопје утре редовно ќе се снабдува со вода, без никаков прекин. Веста за прекин на водоснабдувањето на официјалната страница на Јавното претпријатие, според известувањето, била пласирана од „неовластени лица“ и против овие лица ќе бидат преземени „соодветни чекори за утврдување на одговорност“.
„Во текот на утрешниот ден Градот Скопје редовно ќе се снабдува со вода, без никаков прекин во снабдувањето.
За жал, на социјалните мрежи од страна на неовластени лица беа објавени и ширени неточни и непроверени информации, при што против овие лица јавното претпријатие Водовод и канализација ќе превземе соодветни чекори за утврдување на одговорност поради обид да создадат несигурност кај граѓаните на градот Скопје.
Утре сите населени места во Градот Скопје ќе бидат целосно и редовно снабдени со вода за пиење“ – стои во известувањето од ЈП Водовод и канализација.