ЌЕ ИМА И ЗА „ТРИКАФТА“ И ЗА СЕНЗОРИ И ЗА УЧЕБНИЦИ… Ќе се прераспределат 73,8 милиони евра и за антикризни мерки
Пакетот, како што рече министерот за финансии, ќе биде во насока на полесно справување со предизвиците од ценовната и енергетската криза за граѓаните и компаниите.
Владата набргу ќе го објави деветиот пакет антикризни мерки, а колку тој ќе чини, не се знае, најави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими кој одржа прес конференција за прераспределба на пари од буџетот.
За антикризни мерки, како што рече министерот, засега има обезбедено 4,55 милијарди денари (73,8 милиони евра), во кои се влезени прокетите кои веќе се донесени во насока на полесно справување со предизвиците од ценовната и енергетската криза за граѓаните и компаниите.
– Ова значи дека продолжува субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и парното греење во делот на ЕСМ. Има доволно средства, работиме на деветиот пакет антикризни мерки. Дополнително ќе се оди со таргетирање до крајот на годината, за поддршка на најранливите категории – рече Бесими.
Со Предлог-одлуката за прераспределба, како што образложи министерот, се обезбедуваат 4,25 милијарди денари дополнителни за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 10% и исплата на регрес за годишен одмор во висина од 10.000 денари, дополнителни 3,5 милијарди денари за пораст на пензиите за околу 6% за 336 илјади пензионери почнувајќи од септември 2023 година, 600 милиони денари за исплата на социјалните права за 36.000 корисници на гарантиран месечен приход, 800 милиони денари наменети за земјоделски субвенции, пред се за субвенции за млеко, сточарско производство, како и за авансно финансирање на земјоделците за растително и сточарско производство.
Обезбедени се 110 милиони денари за справување со Африканската чума, 100 милиони денари за набавка на лекот „трикафта“ за 55 пациенти, 20 милиони денари за дигитални сензори за мерење на шеќерна болест, 200 милиони денари за редовно сервисирање на породилните боледувања, 166 милиони денари за превод и печатење и откуп на учебници за основно и средно образование. Обезбедени се 290 милиони денари за исплата на студентски оброк за 29.000 корисници, за 6.900 стипендисти студенти и за 9.600 ученици стипендисти, 650 милиони денари за исплата на Мој ДДВ за третиот квартал поради зголемувањето на лимитот на повратот, а со Предлог одлуката се направени и дополнителни алокации за државна помош за компании во износ од 1,081 милијарди денари, и тоа за домашни компании 581 милиони денари, за странски компании 200 милиони денари и за компании и инфраструктурно уредување во ТИРЗ 300 милиони денари.
– Пристапивме кон овие реалокации на средства, главно во интерес на социјалниот аспект, односно главните реалокации се токму во насока на поддршка на граѓаните и стандардот – покачувањето на платите во јавниот сектор, К-15, пензиите, социјалните трансфери, субвенциите за земјоделците, деветтиот пакет антикризни мерки. Нашата цел е поддршка за граѓаните за што е можно повеќе да ги олесниме ценовните притисоци. Воедно, ја задржуваме развојната компонента на Буџетот, со повисоко ниво планирани капитални инвестиции во однос на буџетскиот дефицит. Исто така, се реалоцираат дополнителни средства за поддршка на компаниите, како странски, така и домашни – истакна министерот.
Потребните прилагодувања во Буџетот, како што рече министерот, се направени преку реалокација на средствата од позиции каде има послаба динамика и каде процесите дозволуваат да се направат прераспределби кон позиции каде се преземени обврски. При тоа тој нагласи дека не се отфрла ниту еден капитален проект, како и дека капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, односно согласно златното правило во финансиите – да се позајмува само за инвестиции и за развојни цели.