ЌЕ ИМА И ДРУГИ МЕРКИ АКО ЕСКАЛИРА ВОЈНАТА НА БЛИСКИОТ ИСТОК Намалувањето на ДДВ не е задоцнето, состојбите се следат на дневна основа

Целта е да се зачува животниот стандард на граѓаните, вели заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.

4

Мерката за намалување на ДДВ на нафтените деривати од 18% на 10% не е задоцнета и со тоа го штитиме стандардот на граѓаните, вели заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.

– Мерката во никој случај не е задоцнета. Ги следиме работите, а факт е дека никој, па и од академската фела, не знае кога ќе заврши конфликтот. Во Министерството за финансии имаме разработено неколку сценарија заедно со меѓуресорската комисија којашто е составена и од претставници од Министерство за енергетика, Министерството за економија и труд, Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Тие сценарија се разгледуваат и остануваат одредени таргетирани мерки коишто би можеле да се применат при евентуална можна ескалација на настаните на Блискиот Исток – рече заменик-министерот во гостување на ТВ 24.






Јанкуловски дополни дека е рано е да се прејудицира, но, целта е да се зачува животниот стандард на граѓаните.

– Имаме листа кои цени се зголемени и во кој обем. Пазарниот инспекторат е на терен и проверува дали влезните инпути ја диктираат таа продажна цена или има некои малверзации. Ги чекаме резултатите. Ако има нелогичности во тоа секако ќе се изречат и одредени казни – рече тој.

На дневна основа ќе се следат состојбите и во зависност од извештаите ќе се одлучи дали ќе се оди и кои таргетирани мерки ќе се преземат, додаде заменик-министерот за финансии.

Посочи дека проблем со недостиг на горивата нема и дека во наредните 60 дена нема да се случи.

Тој потенцира дека Владата од почетокот е во комуникација и со бизнис секторот и со енергетските компании и со производителите на храна и дистрибутерите и оти ова не е адхок решение како во 2021 и во 2022 година кога годишната инфлација беше 14%.

– Оваа Влада од првиот момент максимално е посветена на фискалната консолидација и на намалување на инфлацијата. Декември го завршивме со 4,1%, 3,2% во јануари и 2,9% во февруари. Знае оваа Влада што сè презеде за да го намали буџетскиот дефицит од една страна, кој е главен параметар за фискалната консолидација – од 4,4% во 2024 година, 4% во 2025 и доколку случувањата нема да ескалираат се надевам и 2026 да ја завршиме со 3,5%. Со тие параметри за финансиска консолидација и финансиска стабилност, зголемување на приходите, заедно со овие мерки што ги преземаме и ќе ги преземаме во иднина за заштита на животниот стандард, ќе го постигнеме она што сме го предвиделе со ревидираната Фискална стратегија – наведе Јанкуловски.

Буџетот е ликвиден, додаде, а Владата сериозно е посветена на економскиот раст.

– Доколку има екстремни случувања, коишто ќе имаат влијание, Владата реално, одговорно и искрено ќе ги изнесе аргументите доколку има корекција на проекциите коишто се планирани за 2026 година – рече заменик-министерот Јанкуловски.

Поврзани содржини