ЌЕ ИМ ЗАДАДЕМЕ СМРТОНОСЕН УДАР Северна Кореја се спрема за војна, вели Ким Џонг Ун
Во последните неколку години, Северна Кореја го подигна нивото на вооруженост и воспостави блиски воени и политички врски со Русија.
Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, за време на неговиот престој на воениот универзитет, именуван по неговиот татко, изјави дека поради нестабилната геополитичка ситуација околу земјата, време е таа да биде подготвена за војна повеќе од кога било досега, јави државната новинска агенција КЦНА, а објави Ројтерс.
Во последните неколку години, под Ким Џонг Ун, Северна Кореја го подигна нивото на вооруженост и воспостави блиски воени и политички врски со Русија. Тој наводно ѝ помага на Русија во војната против Украина, а за возврат добива помош од Кремљ во стратешки воени проекти.
– Ако непријателот одлучи да се вклучи во воен конфликт со Северна Кореја, таа нема да се двоуми да му зададе смртоносен удар со сите средства – ја цитираше КЦНА изјавата на Ким Џонг Ун во разговор со студенти и со професори на воениот универзитет „Ким Џонг Ил“.
Тој неодамна го надгледуваше лансирањето на нова хиперсонична балистичка ракета со среден дострел.
„Нагласувајќи ја сложената меѓународна ситуација, односно неизвесната и нестабилна воена и политичка ситуација околу Северна Кореја, Ким Џонг Ун рече дека сега е време земјата да биде целосно подготвена за војна, повеќе од кога било досега“, пренесува државната агенција.
Северна Кореја ја обвинува соседна Јужна Кореја, како и САД, за провоцирање и кревање воени тензии, имајќи предвид дека двете земји во последните месеци спроведоа неколку заеднички воени вежби со висок интензитет.