Припадниците на малата но автохтона и автентична етничка заедница во Македонија, Египќаните, иако лојални на државата, се убедливо најмаргинализираната и институционално најнеинтегрираната етничка заедница во Македонија. За нив, како да не „важат“ ниту Охридскиот рамковен договор, ниту соодветната и правична застапеност, ниту Балансерот, а реално ниту им е дадена „фер шанса“ за нивна интеграција во системот.
Египќаните, како мирољубив, работољубив, во последно време и високообразовен етникум, кој бил нераскинлив дел од современото македонско општество, во недостиг на волев акт на носителите на власта во Македонија, одлучуваат како и многу наши сограѓани, својата среќа и подоброто утре да ја најдат во некои од западноевропските земји. Тоа, дефинитивно не ѝ оди во прилог на државата, бидејќи имаме одлив на квалификувана работна сила, образовани кадри, кои наместо во својата единствена татковина – Македонија, се обидуваат да се реализираат во трети земји.
Политичкиот феномен на убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ, како на претседателските, така и на парламентарните избори (своја поддршка и свој удел во оваа победа има и НГИ Коалиција на Египќани кои меѓу првите дадоа поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од лидерот и пријател на Египќаните во Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски), даде силен мотив и надеж, дека ќе се отпочне со демократизација и обнова на демократското ткиво во заедничката држава Македонија, каде што секој граѓанин ќе може да ги ужива своите основни човекови права и слободи.