ЌЕ ГОРИ И ЌЕ ВРНЕ Претпладне пекол, но попладне громови и град
Вистински топлотен бран ќе ја зафати земјава во текот на утрешниот ден, но УХМР предупредува на можно изолирано невреме со пороен дожд, грмежи и појава на град.
Македонија утре ќе биде погодена од нов силен топлотен бран кој ќе донесе екстремно високи температури и зголемена метеочувствителност, но попладне и навечер се очекува развој на локална нестабилна облачност со опасност од невреме.
Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денот ќе започне со сончево и многу топло време, проследено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен, повремено и засилен ветер, во западните делови од западен правец, а долж Повардарието од северен правец.
– Во попладневните и вечерните часови се очекува развој на нестабилна облачност која локално ќе биде проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Постои ризик и од изолирано невреме со појава на град – предупредуваат од УХМР.
Температурите утре ќе достигнат вредности опасни за здравјето, особено во јужниот и југоисточниот дел на земјата. Според прогнозата, највисоката дневна температура ќе достигне дури до 39 степени Целзиусови во Гевгелија, додека во Берово утринската температура ќе се спушти до 12 степени, а во најголем дел од земјата максималните температури ќе се движат меѓу 34 и 38 степени.
Во главниот град Скопје, времето ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена облачност, но попладне во делови од котлината ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде 20, а максималната ќе достигне 37 степени.
Според најавите, топлото време ќе продолжи и во следните денови, со мал пад на температурите во петок, но веќе во сабота и недела повторно се очекуваат максимуми до 39 степени, што укажува на продолжен период на жештина со високо ниво на опасност од пожари и здравствени ризици.