ЌЕ ГО ЗЕМЕМЕ ГРЕНЛАНД НА БИЛО КОЈ НАЧИН Трамп стравува од анексија на островот од Русија или Кина
Американскиот претседател повторно ја отвори идејата за преземање на Гренланд, предизвикувајќи остра реакција од Данска и сојузниците во НАТО.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД мора да го „поседуваат“ Гренланд за да ги спречат Русија и Кина да го преземат, наведувајќи дека тоа ќе се направи „на лесен или на тежок начин“.
Острата реторика доаѓа по неодамнешните сигнали од Белата куќа дека администрацијата размислува за купување на полуавтономната територија од Данска, но не ја исклучува ниту можноста за присилна анексија, пренесува Би-Би-Си.
И Данска и властите во Гренланд категорично ја отфрлија понудата на Трамп, нагласувајќи дека островот не е на продажба. Копенхаген предупреди дека секоја воена акција против членка на НАТО би значела сериозен удар врз трансатлантската одбранбена алијанса.
– Земјите мора да имаат сопственост, вие ја браните сопственоста, не договорите за закуп. А ние ќе мора да го браниме Гренланд – изјави Трамп пред новинарите во Вашингтон.
Американскиот претседател повеќепати истакнува дека Гренланд е од клучно значење за националната безбедност на САД, тврдејќи, без да понуди докази, дека островот бил „покриен со руски и кинески бродови“.
Иако САД веќе имаат повеќе од 100 војници трајно стационирани во воената база Питуфик во северозападниот дел на Гренланд, која функционира уште од Втората светска војна, Трамп смета дека постојните договори за користење не се доволни.
– Земјите не можат да склучуваат договори на девет или дури сто години – рече тој, инсистирајќи на целосна сопственост.
– Ги сакам луѓето од Кина, ги сакам луѓето од Русија. Но, не ги сакам како соседи во Гренланд, тоа нема да се случи. И, патем, НАТО мора да го разбере тоа – додаде Трамп.
Главните сојузници на НАТО, вклучувајќи ги големите европски земји и Канада, оваа недела јавно ѝ дадоа поддршка на Данска. Во заеднички изјави тие нагласија дека „само Данска и Гренланд имаат право да одлучуваат за своите меѓусебни односи“.
Сојузниците истакнаа дека безбедноста на Арктикот е заеднички интерес кој мора да се решава колективно во рамките на НАТО, со почитување на принципите на Повелбата на Обединетите нации, вклучувајќи го суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите.
Загриженоста за иднината на Гренланд дополнително се зголеми по неодамнешната воена акција на САД во Венецуела. Трамп и за време на својот прв мандат во 2019 година јавно понуди да го купи островот, но и тогаш доби јасен одговор дека тој не е на продажба.
Во меѓувреме, беше најавено дека американскиот државен секретар Марко Рубио следната недела ќе оствари разговори со данските власти.
Освен поради својата стратешка локација помеѓу Северна Америка и Арктикот, која е клучна за системите за рано предупредување, Гренланд е сè поинтересен и поради богатите природни ресурси.
Поради климатските промени и топењето на мразот, наоѓалиштата на ретки земни метали, ураниум и железо стануваат сè подостапни, а научниците сметаат дека под мразот се кријат и значителни резерви на нафта и гас.