Ќе го „реши“ ли Зоран Заев и македонскиот народ?!
Дури и на Гоце да не му се припише идентитетска определба, со било која договорена формулација во комисијата тој ќе стане дел од „заедничката“ историја, со што повторно ќе добие бугарски карактер!
Интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС (25.11.2020) претставуваше демонстрација на искренoст пред бугарската јавност со што отворено ја манифестираше подготвеноста за откажување од македонската национална историја за возврат на пријателскoто одблокирање на почетокот на преговорите со ЕУ од страна на Бугарија. И тоа во име на „огромното мнозинство од целиот македонски народ“.
Заев и претходно повеќепати (10.09.2020, 11.10.2020) ја користеше препознатливата реторика, изразувајќи задоволство дека со Бугарија „решивме три поглавја, пет историски личности наназад“. Станува збор за веќе постигнатите договори во рамките на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која ги прогласи светите Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, цар Самуил за дел од „заедничката историја“.
Тоа беше легитимирано со одлуката на Владата од 9.07.2019 г. со која беше наложено при при секое официјално чествување на овие договорени личности „историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува“! (Митко Б. Панов, „Владата и комисијата ја кријат договорената “историска вистина со Бугарија,” Expres, 11.08.2019).
Оттаму, мерливоста на успехот на работата на комисијата не се заснова на научното дебатирање, туку исклучиво на утврдувањето на заедничките настани и личности од „бугарската историја“.
Прифаќањето на ваквата методологија за периодот пред 19 век и неантиципирањето на последиците од истата, го доведе македонскиот дел од комисијата во очекуван ќорсокак со Гоце Делчев, бидејќи неговото прогласување за дел од „заедничката историја“, ќе значи и признавање на неговиот бугарски карактер.
Дури и на Гоце да не му се припише идентитетска определба, со било која договорена формулација во комисијата тој ќе стане дел од „заедничката“ историја, со што повторно ќе добие бугарски карактер!
Политичката верификација на комисиските договори, евидентно станува главен предуслов за интеграциите на Република Македонија во ЕУ. Треба само уште да се „решат“ преостанатите поглавја од македонската национална историја од 19 век до 1944 г. и истите „правилно“ да се изучуваат за да обединуваат. Во таа смисла, Заев во интервјуто беше категоричен дека досега договореното во комисијата треба да се обелодени, бидејќи „треба да ги впишеме во учебниците”.
Тоа ќе овозможи, според него, „во нашите учебници кога ќе прочитаме, ќе читаме за големината на заедништвото наше, оти ние немаме споделена историја, немаме ни вкрстена историја, имаме заедничка историја“.
Ревизијата за Заев е неопходна, бидејќи „новите генерации не ја знаат целата оваа реалност која треба да не сплотува“ и треба да осознаат преку новите учебници дека „тоа било едно минато, наназад низ децении, низ векови, кадешто сме биле едно, заедно“.
Во сиот наплив на искреност и намера за демонстрирање пријателство, Заев всушност откри како планира да ја примени досегашната проверена политичка формула за успешно „решавање“ преку комисијата и на преостанатите поглавја од македонската национална историја до 1944 г.
Меѓутоа, тој отиде предалеку во искреноста, манифестирајќи подготвеност за ревидирање на наративот и за Втората светска војна, релативизирајќи ја улогата на фашизмот и окупацијата на Македонија, сведувајќи ја на „администрација“.
Тој отиде дотаму, што ја осуди комунистичката идеологија и „комунистичките акти“ против граѓаните кои „не се согласувале со тогашниот „комунистички начин на организирање на општеството“ и оцени дека тоа довело до одделување од Бугарите.
Со тоа, тој директно ја засегна и доведе во прашање идеологијата на сопствената партија.
Идеолозите на СДСМ во изминатите две децении се обидуваа да креираат нова левичарска либерална идеологија, како пандан на десницата.
Составен дел од новата идеолошка доктрина, беше промовирањето на „самоуверена еманципирана нација“ која ќе може „храбро“ и самоуверено да се соочи со сопственото историското минато и да дебатира со соседите за историската ревизија на националниот наратив, вклучително и за историското ВМРО (што треба да има директна рефлексија и за ВМРО-ДПМНЕ).
Според нивната замисла, националниот наратив треба да се исфилтрира преку заедничките комисии и како резултат на тоа да биде фокусиран на македонските комунисти и државноста извојувана во текот на Втората светска војна. Тоа го објаснува и нивниот молк и поддршка на досегашните историски ревизии на националниот наратив во заедничката македонско-бугарска историска комисија.
Меѓутоа, евидентно тие не очекуваа дека Бугарија ќе оди дотаму да ја засегне и самата комунистичка идеологија и да ја доведе во прашање историската улога на македонските комунисти во Втората светска војна.
Критикувањето на комунистичката идеологија од страна на Заев, доаѓа во услови на се посилното идеолошко позиционирање на партијата Левица во македонскиот политички спектар. Оттаму, стануваат разбирливи и реакциите од репрезентите на традиционалната левица.
За нив претходно не беше проблем што беше сменето името, а со тоа и идентитетот на нацијата. Не беше проблем тоа што одлуките на АСНОМ и Манифестот беа со леснотија отстранети од Уставот во име на добрососедските односи.
Заборавија дека кога ја критикуваа „антиквизацијата“ на Груевски, се позиционираа како заштитници на македонското словенство. Силно одекнуваа тогаш политичките пораки на левицата дека „десловенизацијата нема да помине“ и дека „ние нема да се откажеме од Кирил и Методиј, од Климент и Наум“. Но, настапи целосен молк кога заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања ги прогласи св. Климент и Наум како дел од „заедничката историја“, со што и на св. Кирил и Методиј и на нивното сесловенско дело, вклучително и на словенскиот јазик и писменост, им се придаде „бугарски“ предзнак.
За нив, не беше проблем ниту што цар Самуил беше прогласен за дел од „заедничката историја“, а неговото царство во Македонија беше означено како „бугарско“, а аналогно на тоа и Самуиловата црква – Охридска архиепископија.
Притоа, заборавија дека Мисирков го издигна Самуил за фундамент на македонската посебност, што во континуитет беше продолжено од македонските интелектуалци и револуционери, за да во Втората светска војна Самуил стане симбол за националното ослободување, што се рефлектираше и во воведните говори, во државотворните одлуки и манифестот на АСНОМ (Mitko B. Panov, The Blinded State (Leiden/Boston: Brill, 2019). Не чувствуваа за потребно да одговорат со коментари ниту на изјавите на бугарските политички претставници и на бугарскиот дел од заедничката комисија за историски прашања, дека пред 70-на години за ваквиот историски ревизионизам македонските историчари би биле стрелани.
Не реагираа адекватно ниту на тврдењата на бугарскиот политички естаблишмент, на бугарскиот парламент, на БАН, кои со декларациите, резолуциите и со политичките памфлети ја прогласија македонската нација за непостоечка, македонскиот народ и јазик за „бугарски“, а најстарата научна институција и нејзината севкупна научна продукција – Институтот за национална историја – за фалсификатор на историјата. Сега реагираат, кога историски е засегната нивната идеологија?!
Премиерот во интервјуто всушност отворено демонстрираше дека политичката стратегија на Владата продолжува да ја темели на историските отстапки кон соседите. Во таа смисла, тој категирично изјави дека за него „стратешките уставни интереси на државата е пријателството со нашите соседи“.
За Заев, Уставот „е целосно во определба на градење на пријателство и штитењето на тоа пријателство, заради честа и достоинството на нашите соседи“. Повикувајќи се на Уставот, премиерот всушност отворено изјави дека тој примарно се грижи за честа и достоинството на соседите! Со тоа тој јавно призна дека гледа на Уставот, не како на фундамент на нацијата и државата, туку како алатка за политичко договарање со соседите.
Последиците од Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија се експлицитна рефлексија на ваквото поимање и третирање на Уставот и леснотијата од откажувањето од националниот наратив, а во крајна линија и на идентитетот на македонската нација. На ред е очигледно да се „реши“ македонскиот народ преку неговото историско делегитимирање!
Тоа, Заев всушност јавно го соопшти пред бугарската јавност и тоа во името на „огромното мнозинство од целиот македонски народ“.
Наспроти политичките уверувања дека нема да се отстапи од македонскиот индентитет, Преспанскиот договор именски, идентитетски и историски ја делегитимираше македонската нација. Со уставните промени, Македонците не можат официјално да се поврзат со сопствената нација, држава, институции и официјално да ги именуваат и означат со придавката „македонска/и“.
Тоа можат да го направат исклучиво со „Република Северна Македонија“, или со придавката „северномакедонска/и“. Државјанството, пак, е поврзано со обврзното дообјаснување со коса црта дека е македонско односно „граѓани на Република Северна Македонија“. Со тоа „Република Северна Македонија“ станува составен дел од ознаката на државјанството, односно го дефинира истото, како и нацијата.
Преспанскиот договор всушност и обезбеди на Грција историски монопол на имињата Македонија/Македонци, кои таа (за разлика од Република Македонија) ги користи и официјално во земјата и во надворешната комуникација и трговија. Доволно е да се погледне сајтот на грчкото министерство за надворешни работи, да се види како Грција го разбира Преспанскиот договор, со целосно историско негирање на постоењето на македонската нација. Оттаму, стануваат сосема јасни импликациите од постигнатите согласности во двете комисии, со кои Грција и Бугарија историски ги дефинираат термините „Македонија“, „Македонци“ и „македонски“ и со тоа ја делат и присвојуваат историјата на Македонија и го лишуваат македонскиот народ од сопствената национална историја (Митко Б. Панов, „За грчките претензии кон термините Македонија и Македонци”, Expres, 06-07.06.2020). Затоа крајно чудно прозвучуваат реакциите на дел од членовите на македонскиот дел од комисијата кои сега го обвинуваат Заев за „историски ревизионизам“.
А што правеа тие досега со договорањата за „заедничката историја“ за периодот од 9 век до 19 век, што беше политички верификувано и поздравено од владите на двете земји?!
Финалното решавање на македонското прашање е оставено на Бугарија и на заедничката комисија, кои преку ревизијата на историјата, претстои историски да го делегитимираат македонскиот народ. И во обата случаи, клучно за Атина и Софија, беа и се историските прашања, бидејќи без тоа нема да може да ги остварат националните стратегиски цели за ставање крај на македонското прашање и на македонизмот.
Оттаму, во последниот објаснувачки Меморандум до ЕУ, Бугарија експлицитно ја карактеризираше македонската нација како идеолошки продукт на комунистичка Југославија, условувајќи го членството во ЕУ на Република Македонија со раскинувањето со националната историја и прифаќањето дека Македонците биле и се етнички Бугари (Митко Б. Панов, “Меморандумот на Бугарија како патоказ за самодеструкција на македонската нација”, Expres, 20.09.2020).
Интервјуто на премиерот ја рефлектира болната политичка реалност во македонското општество. Оттаму, не треба воопшто да зачудува политичката подготвеност за прифаќање на условувањата од Бугарија, за што јавно проговори Заев. Исто како и поддршката која очекувано дојде од идеолозите околу него, кои пронајдоа „вредност во последното отварање на Зоран Заев“, антиципирајќи го новиот „подвиг“ како со Грција.
Лоцирајќи го „прогласувањето на раѓањето“ на македонската нација кај македонските и југословенските комунисти, тие остануваат категорични дека нема да се откажат од таа историја. Но, од другата македонска историја, да! Оттаму и повикот дека на Македонија ѝ е потребен „ревизионизам на историјата“, чија „историографија мора да се усогласи со светскиот и европскиот наратив за македонската нација“.
Пораката е сосема јасна – Република Македонија треба да се откаже од македонската национална историја пред 1944 г. а истата да ја „увезе“ од страна! Со каква леснотија се диксредитира севкупната македонска историографија и се повикува на историска денационализација на македонскиот народ и нација!
А што правиме со монографиите публикувани од македонски историчари во престижни издавачки куќи во Европа и светот? Што со реакциите на врвните историчари од западна Европа и САД, кои остро ја критикуваат позицијата на бугарските колеги историчари како анахрона?
Бугарските условувања немаат ништо заедничко со науката и директно ја засегнуваат слободата на научната мисла, како и правото на национална историја, со која се изразува и идентитетот!
Но, да се вратиме на политичката реалност. Што всушност ќе значи во практика јавно декларираната подготвеност на Заев за излегување во пресрет на барањата на Бугарија?
Ќе биде подготвен правно обврзувачки документ како дополнение на Договорот со Бугарија (Меморандум, анекс, Ацкциски или сл.), кој ќе содржи гаранции за исполнувањата на барањата на Софија содржани во декларациите и резолуцијата на парламентот.
Дали ќе биде дел од преговарачката рамка на ЕУ, останува да се види. Притоа, ќе биде направен обид истиот соодветно дипломатски да биде формулиран, за да може да се претстави пред македонските граѓани. Документот ќе содржи „патоказ“ со стриктно временско обврзување за решавање на сите отворени прашања, првенствено историските, што ќе треба да го егзекутира комисијата за историски и образовни прашања.
Досега договореното во рамките на историските комисии ќе биде јавно обелоденето, што ќе мора веднаш (според „патоказот“) да биде рефлектирано во учебниците, спомен обележјата, музеите и другите национални институции и туристички водичи. Кога македонските граѓани и туристите ќе шетаат на плоштадот во Скопје, во Охрид и другите македонски градови, ќе бидат сведоци на новите ознаки за идентитетот на цар Самуил, кому ќе му биде придодадена ознаката „бугарски цар“ или „цар на Првото бугарско царство“.
Кога ќе поминат покрај светите Климент и Наум, ќе прочитаат дека нивната дејност, што ја вклучува и Охридската книжевна школа, имале бугарски карактер, бидејќи биле директен продукт на политиката на бугарската држава и исклучива заслуга на бугарските владелели Борис и Симеон.
Ќе прочитаат, а идните генерации ученици ќе учат, дека бугарската држава била единствено заслужна за сочувувањето на словенската – бугарската писменост. „Бугарскиот“ предзнак ќе и биде придодаден и на Охридската архиепископија, со оглед дека Самуил е комисиски прогласен за цар на „Првото бугарско царство“. Охридската црква ќе биде претставена како продолжение на бугарската патријаршија и на бугарските црковни традиции, а анти-византиските востанија во Македонија во 11 век како „бугарски“ кои имале единствена цел ослободување на Бугарите и реставрирање на бугарските државни традиции. И така со историските традиции до 19 век … и се до 1944 г.
Ќе бидат отстранети сите ознаки „фашизам“ „фашистички окупатор“ од спомениците и натписите кои го рефлектираат историското време на македонската ослободителна војна во Втората светска војна.
Ќе има стриктни обврзувачки рокови за комисијата за постигнување договор и за преостантите личности и поглавја од историјата. Исходот на нивната работа во крајна линија ќе треба да ја делегитимира историјата на Македонците до 1944 г. која ќе биде прогласена за „заедничка“, а со тоа „бугарска“. Во тој контекст е и пораката на Заев дека „ако не ја признаеме слабоста на историјата, не можеме да ја градиме убавината и добробитноста на иднината“.
Тоа што е досега договорено и претстои да се договори во комисијата (како и во македонско-грчката) ќе треба се имплементира во учебниците во строго дефиниран рок (можеби веќе до наредната учебна година). Аналогно, идните генерации ученици во „Република Северна Македонија“, како што вели премиерот, ќе ја осознаат „целата оваа реалност која треба да не сплотува“.
„Северна Македонија“ нема повеќе да се употребува како кратенка, туку исклучиво како „Република Северна Македонија“.
„Република Северна Македонија“ ќе стане и ознака за јазикот, како што е впрочем веќе за нацијата – бидејќи во согласност со уставните измени нацијата повеќе не се означува и идентификува како македонска.
Македонскиот јазик нема да стои во текстовите на официјалните документи во ЕУ и билатералните со Бугарија, туку најверојатно ќе биде ставен во фуснота со соодветна историска експликација и формулација како службен јазик на Република Северна Македонија.
Ќе нема македонско малцинство во Бугарија, бидејќи од договорите ќе произлезе дека македонскиот народ историски не постоел, а македонската нација била идеолошки конструирана од Тито.
Наместо македонски народ и нација, ќе постојат граѓани на „Република Северна Македонија“ кои зборуваат на официјалниот јазик на државата!
Бугарија ќе ја признае новата реалност, бидејќи исполнувањето на нејзините услови историски ќе го легитимира тврдењето дека македонскиот народ и нација се конструкт на Титова Југославија, односно дека Македонците се идеолошки „одродени“ етнички Бугари!
Доколку, пак, некои прашања останат нерешени од аспект на Грција, тука ќе биде Атина да ги услови!
Со „решавањето“ на македонскиот народ, конечно ќе се реши и македонското прашање!
Дали македонскиот народ е согласен со тоа, е друго прашање?!