Ќе го потиснат ли изборите пописот по третпат?!

Локалните избори треба да се одржат од средината на октомври, како што впрочем и беше договарано на средбата Заев-Мицкоски од пред неколку месеци кога се одложи пописот од април за септември.

337

Пописот конечно треба да се одржи, би било голема штета за државата ако по третпат се одложи поради локалните избори, а за тоа нема потреба затоа што пописот почнува на 5 септември и ќе трае 26 дена, до 30 септември, нема да се поклопи со одржувањето на изборите, велат од Заводот за статистика откако вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложи да се одложи пописот за во ноември.

Претходно, премиерот Зоран Заев изјави дека локалните избори токму поради пописот би можеле  да се одржат на 31 октомври за да не се поклопат со оваа статистичка операција. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Заев ќе го прекрши Уставот со овој предлог-датум за одржување на изборите кој го соопшти без да се консултира со политичките партии, затоа што мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Локалните избори треба да се одржат од средината на октомври, како што впрочем и беше договарано на средбата Заев-Мицкоски од пред неколку месеци кога се одложи пописот од април за во септември.






– Нема да прифатиме одложување на пописот, тоа не е добро за државата, дваесет години немаме попис, за три пати да го одлагаме – вели за Плусинфо, Апостол Симовски, директорот на Заводот за статистика.

Директорот Симовски, претходно изјави дека може да се избегне преклопување на термините за одржување на локалните избори и на закажаниот попис ако како датум биде определен 24 октомври и ако тогаш би се бирале градоначалници и советници во општините и во Град Скопје.

Најголемата статистичка операција во државата прво се одложи пред две години за април годинава, кога повторно беше одложена за септември, така што, како што велат од Заводот за статистика, сега конечно треба да се спроведе. Во контекст на овој став на раководството, во оваа институција  наголемо веќе се подготвуваат пописот да се одржи во септември. Пописот првично беше закажан за терминот од 1 до 30 април 2020 година, но сметките тогаш ги поматија предвремените парламентарни избори кои Заев ги закажа за 12 април.

Јасмина Ѓоргиева, портпаролот на Заводот за статистика, вели дека на првиот ден на Конкурсот за реонски попишувачи и инструктори кој беше објавен вчера, се пријавиле 740 попишувачи за вкупно 5.600 учесници во пописот.

– Оваа бројка е за изненадување, а станува збор за направен пресек на првиот ден од конкурсот од утрото во 8 часот до полноќ вчера – вели Ѓоргиева.

На нашето прашање дали Заводот за статистика ќе инсистира на вакцинација на попишувачите и дали имаат таква препорака од Комисијата за заразни болест, Ѓорѓиева одговори дека имунизацијата не е услов во конкурсот затоа што таа е на доброволна основа за сите граѓани и дека во спротивно би се случила дискриминација на попишувачите.

– Основните критериуми за да можат да се пријават на Конкурсот е да се полнолетни, невработени, да се македонски државјани, да имаат завршено најмалку средно училиште и да поседуваат компјутерски вештини. На секого е во интерес да се почитуваат препораките за имунизација и во тој контекст и ние апелираме и правиме сондажи за вакцинацијата на пријавените преку прашања во апликацијата, но со оглед на тоа што вакцинацијата е на доброволна основа, ние само можеме да апелираме на вакцинација која е за општо добро – вели Ѓоргиева.

Таа објасни дека во апликацијата кандидатите за попишувачи одговараат и на прашања поврзани со имунизацијата и на тој начин се добива податок колку од кандидатите се вакцинирани и колку од нив би се вакцинирале откако ќе бидат избрани на конкурсот.

Поврзани содржини