ЌЕ ГО НАПРАВИМЕ ПЕХЧЕВО ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНА ОПШТИНА, ВЕТИ КИТАНСКИ Ковачки го пофали, велејќи дека градот заслужува модерна инфраструктура
За наредните четири години имаме јасна визија и конкретна програма која произлегува од вашите потреби, а не од празни партиски ветувања, рече актуелниот градоначалник на Пехчево пред граѓаните и ги наброја плановите за инвестиции во локалната инфраструктура, спортот, културата и планот за енергетски ефикасна општина.
Александар Китански, кандидат за градоначалник за општина Пехчево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!”, се обрати и истакна дека во неговиот четиригодишен мандат и покрај сите опструкции од тогашната централна власт, изградени и реконструирани се многу улици, подобрени условите во училиштата, комуналната инфраструктура, како и реализирани капитални проекти барани од страна на граѓаните.
– Иако, кога станав градоначалник, на почетокот од мојот мандат имав огромни опструкции од тогашната централна власт, со направени технички документации, аплицирани проекти, а не одобрени од страна на тогашните министерства и тогашната влада, сепак успеавме со мојот тим да направиме многу изградивме, обновивме, променивме. Реконструиравме улици, ги подобривме условите во училиштето и градинката, инвестиравме во комуналната инфраструктура, вложувавме во младите и во културата, развојот на туризмот, промоција на градот, благодарение на сегашното раководство на Владата на Република Македонија. Реализиравме капитални проекти кои долги години беа барани од страна на граѓаните и истите се од огромно значење – рече Китански.
Китански наброи дел од проектите на изборната програма за наредниот четиригодишен мандат.
– За наредните четири години имаме јасна визија и конкретна програма која произлегува од вашите потреби, а не од празни партиски ветувања. Ќе инвестираме во локалната инфраструктура, локални улици, водовод, канализација, поддршка на земјоделството и унапредување на образованието и создавање на нови, современи, модерни и достоинствени услови за нашите деца и за наставниците, унапредување и осовременување на здравството и здравствената заштита со набавка на нова и современа опрема, развој на туризмот нашата општина располага со прекрасни планини, реки, чист воздух и уникатна природа, поддршка на младите и развој на спортот за општина со здрави навики, поддршка на културни настани и развој на културата во Пехчево, ќе се бориме и ќе работиме заедно за чиста и енергетски ефикасна општина – посочи Китански.
Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, кој присуствуваше на митингот, го пофали Китански, велеќи дека тој е човек кој ги знае потребите на граѓаните „затоа што беше секојдневно меѓу вас, ве слуша, разбира и дејствува“.
Ковачки посочи дека во изминатите години четири години Китански покажал дека не запоставува ниту едно населено место, градска или селска средина, туку напротив, постојано беше и е на терен со своите сограѓани за од прва рака да ги решава работите.
– И за тоа сме сите тука дојдени за поддршка на Александар и сите сме со една иста желба, да го видиме Пехчево како место каде вреди да се живее, да се работи и да се создава иднина! Не сме тука за лични интереси, за свои цели, туку за заедничкото добро, развој на нашето Пехчево. Затоа што Пехчево заслужува модерна инфраструктура, чисти улици, уредени села, сигурно водоснабдување, подобри училишта и услови за младите. Почитувани пехчевчани, ниту еден успех не доаѓа сам. Сè што се постигнува е резултат на соработка помеѓу граѓаните, општината, советот и владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Само кога сите работиме заедно, можеме да го постигнеме најдоброто за нашето Пехчево – рече Ковачки.
Со оваа Влада, додаде Ковачки, предводена од премиерот Мицкоски гледаме конкретни резултати, нови улици, подобрени патишта, реконструирани училишта, инвестиции во младите и во спортот, а пензионерите, кои се темелот на нашето општество и на кои им ја должиме државата, ги добија ветените 5.000 денари кои премиерот ги вети во првата година од мандатот, а истите дополнително се зголемија за уште 1.000, а на пролет, рече тој, пензиите ќе се зголемат за нови 1.000 денари.