ЌЕ ГО ИСКЛУЧИШ, А ТОЈ И НАТАМУ СИ ОТЧУКУВА НА СМЕТКАТА Скопјанец предупредува дека изнајмувањето тротинет може да ве изгори

1,291

Само неколку дена по почнувањето на проектот за изнајмување електрични тротинети граѓаните се соочија со неправилности во функционирањето на овие превозни средства.

Вчера на социјалните мрежи беа објавени фотографии од уништени електрични тротинети, а еден скопјанец сподели низ каква голгота морал да мине за да ја прекине наплатата по користењето на возилото.






„Со постов сакам да ви го свртам вниманието и да ви споделам едно горко искуство од синоќа со BinBin градскиве тротинети. Синоќа ќерка ми изнајмила тротинет. Го активираш тротинетот односно сесијата, го возиш тротинетот, застануваш, го сликаш каде е, апликацијата го лоцира кодот од тротинетот, ја завршуваш сесијата со копчето „End Ride“ и готово. Е ама не е готово. Копчето „End Ride“ повторно се враќа за кратко време во функција. Сесијата као завршува, барем таков впечаток добиваш но броењето пари во позадина не завршува. Се појавува функционален „bug“ во апликацијата кој истата не ја застанува и не ја регистрира сесијата на сервер туку само за момент во самата апликација“, сведочи таткото.

Тој раскажува дека тротинетот не може повторно да се активира ниту да се плати, туку само си отчукува на сметката.

„Не можеш да платиш. Сесијата си трае. Не запира. Нема како да ја запреш преку апликацијата. И во „паричникот“ кога ќе ги надмине средствата не застанува. Сè уште брои време и средства. Да платиш не можеш, сесијата не можеш да ја сопреш иако претходно си активирал End Ride за да ја завршиш услугата. Е сега да не се сфатиме погрешно. Пишувам за нашиов случај од синоќа. Не за секој друг случај. Значи апликацијата си брои без оглед на сè. Ако не забележиш дека по заклучувањето на апликацијата и заклучениот тротинет апликацијата си брои во позадина отидоа куп пари. Нема како да го прекинеш броењето бидејќи според апликацијата тротинетот е веќе во мирување и е заклучен. Не можеш два пати да го заклучиш. Толку. Ама пари и понатаму си брои. Треба да се бркаш со центарот за помош кој е онлајн со допишување цела вечер за да успееш да го прекинеш броењето“, наведува скопјанецот.

Тој сведочи дека допишувањето е стриктно на англиски јазик и нема човек со кого може да се комуницира, а полицијата не може да помогне бидејќи немаат никаков контакт со фирмата.

„Тестирањето на апликацијата може само да го докаже постоењето (присуството) на грешките (bugs), не може да го докаже и нивното отсуство. Во случајов е евидентно дека тие „bug“- ови постојат во апликацијата. И замислете да се појави овој функционален „bug“ и да се активира како синоќа што се активираше во апликацијата инсталирана на телефонот на ќерка ми. Апликацијата продолжува во позадина да си брои пари. И ете вашето дете платило за услугата пред 10 дена и 10 дена не ја гледа апликацијата. После десет дена детето повторно ја вклучува апликацијата и сака повторно да изнајми електричен тротинет. Приметува дека апликацијата сè уште брои. Цената е 9 ден. за една минута. За 24 часа ќе ви набилда сметка од 13000ден. За 10 дена од 130000ден. Вистински хорор. 10 просечни тротинети ќе купите за тие пари. Нема каде да се обратите“, додава скопјанецот.

Тој вели дека нивната голгота траела до 4 часот утрото и дека едвај ја исклучиле активноста на тротинетот со онлајн помош со некое момче Ахмед.

„Парите ги плативме и сето екстра кое како сметка се набилда во меѓувреме од страна на апликацијата додека лутавме и баравме решение. Уште требаше да бидеме и среќни што не беа повеќе пари за плаќање. Па и бевме верувајте. До толку е работава. Многу јака голгота беше тоа синоќа. Внимавајте со апликацијава. Ми се чини дека во случајов залудна е и Агенцијата за заштита на потрошувачи“, предупредува граѓанинот.

 

(ФОТО) ЕДЕН ЗАВРШИ ВО КОНТЕЈНЕР, ДРУГ ОСТАНА БЕЗ МОНИТОР Новите тротинети во Скопје не издржаа многу, веќе се бројат дефектите

Поврзани содржини