ЌЕ ГИ ВИДИМЕ ЛИ ЦИТРОЕНОТ И КАНГУТО ПРЕД КУЌАТА НА ОБВИНЕТИОТ МАНЕВ? Продолжува судењето за убиствата на Вања и на Панче

На денешното рочиште во Кривичниот суд Скопје, освен одлуката на судијата Стефановски за новите докази, се очекува и одлуката на Јавното обвинителство на барањето на обвинетиот Палевски, кој на минатото рочиште по втор пат побара да бидат изземени обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска, Ана Стојковиќ Димитровска кои го водат предметот, како и шефот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски.

1,258

Ќе ги прифати ли судијата Ивица Стефановски дополнителните докази на Јавното обвинителство на судењето за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, за кои се обвинети Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев?

На денешното рочиште во Кривичниот суд Скопје, освен одлуката на судијата Стефановски за новите докази, се очекува и одлуката на Јавното обвинителство на барањето на обвинетиот Палевски, кој на минатото рочиште по втор пат побара да бидат изземени обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска, Ана Стојковиќ Димитровска кои го водат предметот, како и шефот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски, како што рече, поради пристрасност, злоупотреба на јавнообвинителски овластувања и фалсификување податоци.






Обвинителката Крстевска Јосифовска на минатото рочиште предложи нови докази, кои, како што рече, биле обезбедени во истражната постапка, а не биле завршени кога било поднесено обвинението, туку обработката уште била во тек. Рече дека тие докази се најавени во листата на докази која е поднесена со обвинителниот акт, во точката 16, под која стои заведено „вештачења, анализи и извештаи по наредба на Обвинителството, кои се во тек“. Доказите се однесуваат на снимки од видео камери од куќата на обвинетиот Велибор Манев во Велес

– Шесте цедиња од безбедносните камери на куќата на Манев се однесуваат на околноста на нивното подготвување и собирање дента непосредно пред убиството на Жежовски и нивната понатамошна комуникација со користење на возилата кои и досега беа предмет на постапката – рече обвинителката Јосифовска.

Адвокатите на Палевски рекоа дека не се согласуваат, затоа што не биле наведени во листата на докази пред почетокот на расправата.

– Во листата на докази во точка 16 се наведени вештачења, анализи и извештаи по донесени наредби од ОЈО, но тоа не значи дека тие се предложен доказ, бидејќи, доколку се чекало некакво вештачење, тоа требало да биде укажано во оваа точка. Доказите треба да се изведат само ако се исполнети законските прописи, особено што се работи за цедиња од видео надзор кои можеле да бидат обезбедени и во истражната постапка. Во оваа фаза на одбраната не ѝ е дадено доволно време да ги анализира овие докази. Сметаме дека судијата не треба да ги прифати – рече адвокатот Марија Витановски.

Палевски во барањето за изземање на обвинителите наведе дека се фалсификувани податоци во телефонската анализа за неговиот број, со цел сведокот Ерол Османи да изнесе невистини за тоа на кој ден Палевски бил кај него за да му го поправа котелот. Палевски тврдеше дека му го поправал котелот на Османи на 22 ноември 2023 година, на денот кога е убиен велешанецот Жежовски, а Османи тврдеше дека Палевски тоа го направил на 28 ноември, ден по убиството на Вања Ѓорчевска. Палевски тврди дека во телефонската анализа ги нема податоците од базните станици за неговиот мобилен телефон за 28 ноември во периодот од 11 до 23 часот.

Значаен податок од минатото рочиште е и телефонскиот повик од Палевски кон број во Турција во времето кога била убиена Вања Ѓорчевска.

– Од Палевски кон извесен турски број имало повик од 9 секунди во критичниот период кога е убиена Вања, односно во 8.30 часот – рече обвинителката.

Обвинетиот Палевски во врска со овој доказ праша: „Каде е телефонот во тој момент?“.

Според обвинението четворицата обвинети на 22 ноември 2023 година го грабнале Панче Жежовски од неговиот дом, го однеле во околината на Велес, каде Палевски го убил со пиштол. Му го зеле цитроенот и со возилото на 27 ноември во 7.30 часот ја грабнале Вања Ѓорчевска од влезот на нејзината зграда, ја ставиле во гепекот и ја однеле во околината на Бразда, каде Палевски ја убил со пиштол околу 9 часот.

Во овој случај обвинет е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за помагање во кривичното дело грабнување на неговата ќерка, а дејството го извршил така што на првообвинетиот Палевски му открил информации кога Вања оди сама на училиште.

Мотивот за грабнувањето на Вања, според обвинението, е користољубие, односно сакале за неа да изнудат пари од близок член на семејството, но детето е убиено многу брзо по киднапирањето и никогаш не е побаран откуп.

Поврзани содржини