ЌЕ ГИ ГАРАЖИРАМЕ АВТОБУСИТЕ! Превозници бараат промена на ланските договори за превоз на ученици, работници и војници

Автобуските превозници се соочуваат со огромни загуби по повеќе основи, но главно поради тоа што тие со закон се обврзани да обезбедат континуиран превоз и на линии кои се економски неисплатливи.

1,098

Секојдневниот пораст на цената на нафтата, обврските преземени од договорот за превоз на ученици работници и војската потпишани лани, како и исплатата на повисоките плати поради зголемениот минималец ги доведуваат на работ на егзистенција автобуските превозници во меѓуградскиот и меѓународниот превоз. Тие бараат заедно со владата да ги решат овие проблеми за да можат да ја работат. Во спротивно ќе бидат принудени да ги гаражираат автобусите и да протестираат.

Автобуските превозници, велат од Асоцијацијата на работодавачи на трговските друштва за превоз на патници Исток, се соочуваат со огромни загуби по повеќе основи, но главните проблеми произлегуваат од секојдневниот раст на цените на горивата.






– Цената на горивото влегува со 60 отсто во целокупниот трошок на услугите. Компаниите се принудени да ги зголемат цените, а тоа повлекува зголемување на цените на сите производи кои зависат од трошокот на услугата превоз, па со тоа директно како последица удар трпат граѓаните. Во старт нашите пресметки се дека со сегашните цени на горивото ќе треба да ја зголемиме цената на превозот за најмалку 25 отсто, односно соодветно на растот на цената на горивата – вели Горан Трпковски, претседател на Асоцијацијата на работодавачи на трговските друштва за превоз на патници Исток.

Овие превозници, вели тој, законски се обврзани да обезбедуваат линиски превоз на патници и ако линијата е економски неиздржлива.

– Со сегашните цени на горивата, ако еден превозник одржувал досега линија со трошок од 10.000 денари, сега ќе треба да издвои 18.000 денари за да ја одржи линијата. Дел од линиите се економски неиздржливи бидејќи има сѐ помал број патници. Изминатите две години возевме со намален капацитет и поради пандемијата, а сега и цените на билетите влијаат на бројот на патниците – додава Трпковски.

Голем проблем во финансиското работење на превозниците поради дневното зголемување на цената на горивото ќе биде реализацијата на договорите за превоз на ученици, работници во институциите и војската.

– Имаме проблем и со договорите за превоз на ученици, работници во институциите и војската врз основа на тендери на институциите. Тие се договорени лани по цена на гориво која важела тогаш од околу 75 денари по литар. Сега, поради тоа правиме загуби секој ден при вршење на овој превоз. Затоа бараме од владата да најде решение на овој проблем, дали тоа ќе биде со потпишување анекси на договорите, преку меѓусебни спогодби или пак на друг начин, за нас е сеедно. Важно, да се направат промени бидејќи, како што реков, дневно правиме големи загуби – вели Трпковски.

Автобуските превозници од крајот на месецов ќе имаат уште еден проблем – да ја исплатат платата која ќе биде драстично повисока поради повисоката минимална плата.

– Во веќе финансиски исцрпени фирми, сега имаме обврска да исплаќаме и повисока минимална плата, но и пропорционално да ги зголемиме другите плати на вработените. Тоа за нас значи зголемување за 25 до 30 отсто на парите издвоени за бруто плати. На пример, ако досега сме исплаќале бруто-плата од 300.000 денари сега ќе треба да се издвојат плус 100.000 денари или 400.000 денари за плата. Но тоа во вакви услови е проблем да се направи – вели Трпковски.

На овие проблеми, превозниците алармираат и во писмо до премиерот и до министрите за економија и транспорт и врски во кое бараат итна средба.

Доколку владата не одговори позитивно на нивните барања превозниците најавуваат запирање на превозот и протести до исполнување на барањата.

Поврзани содржини