ЌЕ ГИ ГАЃАМЕ АМЕРИКАНСКИТЕ БАЗИ АКО САД НЀ НАПАДНАТ Иран кратко ќе ги суди, па ќе ги беси уапсените демонстранти и покрај заканата од Трамп
Државите од Персискиот Залив, Саудиска Арабија, Оман и Катар, деновиве лобираат кај администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп против евентуален воен напад врз Иран.
Иран ги предупреди земјите во регионот дека во акт на одмазда ќе ги нападне американски воени бази на нивните територии во случај ако САД го нападнат Иран, изјави висок ирански функционер за агенцијата Ројтерс.
– Техеран им кажа на регионалните земји, од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати до Турција, дека американските бази во тие земји ќе бидат нападнати ако САД го нападнат Иран. И побара од тие земји да го спречат Вашингтон да го нападне Иран – изјавил функционерот.
Иран најави дека следуваат егзекуции на уапсените демонстранти и покрај заканата од американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе следува одмазда ако Техеран ги обеси.
Во повеќедневните демонстрации низ иранските градови се убиени над 2.400 демонстранти, а над 18.000 се уапсени, според податоци од американска организација за човекови права.
Претседателот Трамп вчера ги повика демонстранти да продолжат со протестите во Иран, со порака дека „помошта е на пат“. Тој го предупреди Иран да не ги егзекутира демонстрантите и најави дека САД ќе преземат „силни мерки“ како одговор. Американскиот Стејт департмент, пак, изрази страв дека еден од демонстрантите може да биде егзекутиран денеска.
Шефот на иранското судство, Голамхосеин Мохсени-Еџеи, посочи дека притворените уапсени за време на националните протести наскоро ќе се соочат со брзи судења и егзекуции.
– Ако некој запали некого, обезглави некого, тогаш ние мора брзо да си ја завршиме работата – рече Мохсени-Еџеи за време на петчасовната посетата на затворот во Техеран каде што се држат уапсените демонстранти, објави иранската државна телевизија.
Иранските новински агенции го цитираа дека рекол дека судењата треба да се одржуваат јавно, а постапките мора да бидат брзи.
– Ако сакаме да направиме нешто, треба да го направиме тоа сега. Ако сакаме да направиме нешто, треба да го направиме тоа брзо. Одложувањето на постапките ќе го намали нивното влијание. Ако доцни, 2 месеци, 3 месеци подоцна, нема да има исто влијание. Ако сакаме да направиме нешто, треба да го направиме тоа брзо – вели Мохсени.
Групите за заштита човекови права предупредија дека иранското судство би можело да прибегне кон смртна казна во голем обем.
Во меѓувреме, Кина се спротивстави на какво било надворешно мешање во внатрешните работи на Иран, соопшти Министерството за надворешни работи на Кина, откако американскиот претседател предупреди дека Вашингтон ќе преземе „многу силни мерки“ против Техеран.
– Кина не ја толерира употребата на сила или заканата со сила во меѓународните односи – рече Мао Нинг, портпаролка на кинеското МНР.
Трамп на социјалните мрежи вчера објави дека „постои многу реална можност во следните неколку дена, недели или месеци иранскиот режим да падне, а тоа ќе ги направи САД „побезбедни“.
Администрацијата на Трамп сè уште не разјаснила каква воена акција би можела да преземе против Иран. Претставник на Белата куќа изјави дека на претседателот Трамп му се достапни сите опции за решавање на ситуацијата во Иран.
– Претседателот слуша голем број различни мислења за секое прашање, но на крајот ја донесува одлуката што ја смета за најдобра – вели тој.
Опциите вклучуваат наредба за воени напади врз режимски цели или почнување кибернапади, одобрување нови санкции и зајакнување на антирежимските онлајн профили.
Државите од Персискиот Залив, предводени од Саудиска Арабија, деновиве лобираат кај администрацијата на Трамп против евентуален воен напад врз Иран.
Јавно, арапските земји од Заливот во голема мера молчеа додека протестите се ширеа низ соседната Исламска Република Иран. Но, ривалите на Иран, Саудиска Арабија, Оман и Катар, зад затворени врати ѝ објаснуваат на Белата куќа дека обидот за соборување на иранскиот режим ќе ги потресе пазарите на нафта и на крајот ќе ја оштети американската економија.
Арапските држави стравуваат дека нападите врз Иран би можеле да го нарушат сообраќајот на танкерите за нафта низ Ормускиот теснец, тесен морски премин на влезот во Персискиот Залив што го одделува Иран од неговите арапски соседи и низ кој минуваат околу една петтина од светските резерви на нафта.
Иако Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот Залив не би имале ништо против ослабување на воените и на нуклеарните капацитети на Иран, тие се загрижени за алтернативите доколку ајатолахот Хаменеи биде соборен, истакнува „Волстрит журнал“.
Саудиските претставници, според „Волстрит журнал“, го увериле Техеран дека Ријад нема да се вклучи во потенцијален конфликт, ниту ќе им дозволи на САД да го користат воздушниот простор на Саудиска Арабија за напади, во обид да се дистанцираат и да ги одвратат американските акции.
Според арапските претставници, Обединетите Арапски Емирати, кои исто така се наоѓаат преку Ормускиот Теснец, не учествувале во лобирањето во Вашингтон.
Протестите во Иран, кои почнаа во Техеран кон крајот на декември поради продлабочувањето на економската криза и се проширија низ целата земја се еден од најголемите предизвици за режимот откако дојде на власт за време на Исламската револуција во 1979 година.