Ќе дозволи ли МПЦ-ОА грчки фанариот да ѝ шефува во Скопје?

Митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, во изјава за Плусинфо вели дека за евентуалното прифаќање на фанарски егзарх во земјава мора да одлучува Синодот, но дека тој лично не прифаќа такво нешто.

1,802

Вселенскиот патријарх Вартоломеј не смее да одговори позитивно на барањата и молбите што неодамна му ги испратија претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев за признавање на Македонската православна црква (МПЦ-ОА), бидејќи, во спротивно, би ги прекршил каноните и со неговото мешање во туѓите дворови би предизвикал нов раскол во православието.

Но, од друга страна, пак, вселенскиот патријарх Вартоломеј веќе еднаш го стори тоа со Црквата во Украина кога во декември 2018 година ја прогласи за автокефална, а за нејзин поглавар го назначи Епифаниј.






Руската православна црква (РПЦ) тогаш оцени дека од канонска гледна точка, Синодот во Киев е ништовен и порача дека можноста за признавање на Епифаниј од помесните православни цркви е тешко изводлива задача. И покрај противењето на РПЦ, која, канонски гледано има потполно право да се противи, сепак, две години подоцна, работите останаа онакви какви што ги постави Цариград.

Но, дали Вселенската патријаршија тоа јасно прекршување на каноните го стори бесплатно и од чиста православна љубов кон Украинците? Секако дека не.

Целосна потчинетост

Постојат три многу важни работи кои се наведени во томосот што го потпиша вселенскиот патријарх Вартоломеј за автокефална црква во Украина, кои, во основа, наместо автокефална, Црквата на Украина ја прават потполно потчинета црква на Константинопол.

Првата работа е тоа што Црквата на Украина не може сама да вари миро, туку треба да го набавува од Цариград.

Втората работа е тоа што сите спорови во Украина треба да ги решава вселенскиот патријарх, а третата, и можеби најважна работа, е тоа што Црквата на Украина нема право да формира свои цркви во дијаспората, туку Украинците во светот треба да бидат под капата на Вселенската патријаршија.

За целосната контрола на Цариград врз Киев сведочи и настанот од 16 октомври годинава, кога вселенскиот патријарх Вартоломеј го испрати епископот г. Михаил како свој егзарх во Киев.

„Неговата светост вселенскиот патријарх Вартоломеј го прими на 16 октомври изгласаниот епископ команон г. Михаил, егзарх на Вселенската патријаршија во Киев, Украина. Патријархот го поздрави и му даде совети за успех на неговата мисија во Црквата на Украина од позиција на епископ“, наведено е во објавата на Вселенската патријаршија.

Ова, во превод значи дека вселенскиот патријарх има свој егзарх во Киев, кој ќе го информира за сè што се случува во Црквата на Украина, а освен тоа, тој би имал задача да ги контролира и да им дели совети на тамошните владици.

Дијаспората не ја даваме

Митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, во изјава за Плусинфо вели дека за евентуалното прифаќање на фанарски егзарх во земјава мора да одлучува Синодот, но дека тој лично не прифаќа такво нешто.

Јас лично не би прифатил егзарх на вселенскиот патријарх да живее со нас во земјава.

г. Тимотеј Митрополит дебарско-кичевски

– Сè додека не добиеме позитивен сигнал од Цариград, јас не би можел ништо да коментирам. Кога ќе дојде време, Синодот на МПЦ-ОА ќе одржи средба и конкретно ќе разговара за сите работи. Јас лично не би прифатил егзарх на вселенскиот патријарх да живее со нас во земјава. Сепак, тоа е само мое мислење, а конечната одлука ќе ја донесе Синодот. Истиот став го делам и за мироварението и за дијаспората. Не доаѓа предвид дијаспората да ѝ ја препуштиме на Вселенската патријаршија – изјави г. Тимотеј.

Митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар, пак, вели дека не е расположен да разговара на оваа тема, оти, како што вели, „на нероден Петко капа му кроиме“.

– Ние не можеме ништо однапред да кажеме. Ние можеме да дискутираме за работите само откако ќе започнат разговорите со Цариград. Оти, вака, на нероден Петко капа му кроиме – искоментира владиката.

Решението на МПЦ-ОА не е во Цариград

Црковниот аналитичар Георги Тасев вели дека во денешно време Цариградската патријаршија своеволно може да прави проблеми насекаде.

– Сведоци сме за проблемите, кои, покрај во Украина, ги прави и на Кипар. Но, очигледно е дека таа веќе во ниту еден случај не може сама да ги решава тие проблеми. Сега црквата има друг пристап, различен од отоманското време кога Цариград сам носеше одлуки. Сега, покрај Цариград, има уште 13 помесни цркви, кои мора за сѐ да бидат прашани. Егзарх подразбира архиереј кој управува. Тој е егзарх на личност, а не на црква, и тој управува во име на оној што го праќа. Поставувањето егзарх во Киев, значи дека т.н. „Украинска црква“ не се управува сама, туку дека таа треба да му поднесе сметка на егзархот, а тој на Цариградскиот патријарх. Оттука, тотална бесмилица е поставувањето и постоењето на егзарх во автокефална црква – објаснува Тасев за Плусинфо.

За илустрација, додава тој, автономијата на Православната охридска архиепископија (ПОА) е поголема од т.н. украинска автокефалија.

– ПОА нема егзарх, како што нема егзарх ниту една друга автономна црква. Оттука, сосема е јасно дека Цариград нема шанси да прати егзарх во другите автокефални црковни центри. Не е исклучено прашањето за егзарх да им се постави како услов на МПЦ, заедно со дијаспората, мироварението и многу други услови. Но, за тие прашања МПЦ треба да биде транспарентна, а новинарите да истражуваат што ѝ се крчка на МПЦ во турската метропола, и дали евентуално г.г. Стефан, во обид да го реши своето прашање, ќе дозволи во Скопје, заедно со него да дојде и да живее грчки фанариот? Сепак, Цариград не е соодветната адреса за решавање на проблемот на МПЦ. Украина е живо сведоштво дека Цариград никогаш нема да може да наметне решение за МПЦ. Затоа, најдобро е МПЦ да го следи канонскиот пат за да дојде до сеправославно признавање – посочува Тасев.

Поврзани содржини