Ќе донесе ли делта сојот нови рестрикции: Филипче вели пандемијата може да трае до 2024 година

Тој најави дека до крајот на неделава се очекува средба на Комисијата за заштита од заразни болести на која уште еднаш ќе биде разгледано прашањето дали по откривањето на неколкуте случаи со индискиот, делта сој во земјава би можело да се размислува за воведување на евентуални рестриктивни мерки.

762

Генерално состојбата во земјава е мирна и стабилна, нема зголемување на бројот на прегледи во болниците во врска со коронавирусот, кај четворицата пациенти од вчера е детактиран делта сојот, кај еден пациент е потешка клиничката слика, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

 Филипче најави дека поради детектирањето на индиската – делта варијанта на коронавирусот кај пациенти во земјава, можно е воведување мерки на границите при влез во Македонија, но не и реорганизација на она што сега функционира како што се отворени установи со протоколи. 






– Евентуално барање на ПЦР тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени – изјави Филипче по средбата со академик д-р Александар Димовски од Центарот за генетички инженеринг и биотехнологија од Македонската академија за наука и уметности (МАНУ) 

На новинарско прашање дали евентуалните мерки што би биле воведени на границите ќе важат и за државјаните на Македонија кои ќе одат на летување и на враќање ќе мора да приложат некои од потребните документи, Филипче одговори дека доколку се одлучи оти има епидемилошка вредност, тоа ќе важи за сите. 

Тој најави дека до крајот на неделава се очекува средба на Комисијата за заштита од заразни болести на која уште еднаш ќе биде разгледано прашањето дали по откривањето на неколкуте случаи со индискиот, делта сој во земјава би можело да се размислува за воведување на евентуални рестриктивни мерки.

– Ова е ситуација којашто ни укажува и ни покажува колку е битно граѓаните да се вакцинираат. Вакцината штити од тешка форма на болеста и од смрт, било која од вакцините коишто ги имаме во нашата земја – рече Филипче.

Тој додаде дека постојат предвидувања дека пандемијата може да трае до 2024 година.

– Во иднина ние не знаеме дали ќе има нова и нова мутација на вирусот што ќе предизвика нови бранови што значи дека оваа пандемија може да трае и повеќе години. Некои предвидувања се дека пандемијата ќе трае до 2024 година, дека ќе премине во ендемска форма но тоа не значи дека треба да живееме затворени. Ова значи дека што поголем број на граѓани треба и мора да се вакцинираат. Така ќе се заштитат себеси, така и да е присутен вирусот и да дојде некоја нова мутација веројатно ако се заразат ќе имаат лесна форма на болеста, веројатно форма на некаква настинка – изјави Филипче.

Поврзани содржини