ЏЕЈ ДИ ВЕНС ЌЕ ОДИ ВО ПАКИСТАН НА ПРЕГОВОРИ СО ИРАН Трамп е оптимист дека може да се постигне траен договор за време на примирјето

Венс ќе биде придружуван од специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф и од зетот на Трамп, Џаред Кушнер, а во преговорите ќе помогнат и претставници од Советот за национална безбедност, Стејт департментот и од Пентагон.

78

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ќе отпатува денеска во главниот град на Пакистан, Исламабад, каде што, со учество на медијатори, ќе разговара со претставници на Иран за завршување на војната. Разговорите се одржуваат во време кога кревкото привремено примирје е на работ на колапс.

Венс ќе биде придружуван од специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф и од зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Тие учествуваа во три рунди разговори преку посредник со иранските преговарачи, насочени кон решавање на загриженоста на САД во врска со нуклеарните и балистичките програми на Иран и поддршката на Иран за групи на Блискиот Исток, пред САД и Израел да ја почнат војната против Иран на 28 февруари.






Белата куќа не даде многу детали за форматот на разговорите, дали ќе бидат директни или индиректни, и сè уште не прецизираше што конкретно се очекува од состанокот.

Од Исламската револуција во 1979 година, најдиректниот контакт меѓу Вашингтон и Техеран беше кога тогашниот американски претседател Барак Обама го покани новоизбраниот ирански претседател Хасан Рохани во септември 2013 година да разговараат за нуклеарната програма на Иран.

Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, изјави дека Венс, Виткоф и Кушнер и американскиот државен секретар Марко Рубио „секогаш соработувале во овие дискусии“ и дека Трамп е оптимист дека може да се постигне траен договор за време на двонеделното примирје.

Белата куќа не прецизираше кој ќе биде на преговорите покрај Венс, Виткоф и Кушнер, но беше кажано дека ќе помогнат и претставници од Советот за национална безбедност, Стејт департментот и од Пентагон.

Поврзани содржини