ЌЕ БЛЕСНАТ КЕЈОВИТЕ ВО ОХРИД И ВО ПЕШТАНИ Следува дигитализација, уредување на пазарот, Охрид не запира повеќе, најави Пецаков

Ќе ги дигитализираме јавните услуги и ќе ја зголемиме транспарентноста. Ќе воведеме QR-кодови за документи, плаќање на такси преку СМС и дигитализација на седниците на Советот. Граѓаните ќе можат електронски да ги поднесуваат барањата и да го следат статусот на своите предмети, најави кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков. 

125

Горд сум на сè што успеавме да реализираме, нашата работа се гледа во секое поле: од изградба и реконструкција на училишта и градинки, преку подобрување на патната инфраструктура, до инвестиции во спортот, културата и животната средина, а сето тоа придонесе за поквалитетен живот на сите охриѓани, рече актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков.

– Кога ја презедовме општината, долгот изнесуваше околу 14 милиони евра, без долговите на јавните претпријатија. Веднаш пристапивме кон финансиска консолидација и планови за раздолжување. За помалку од 2 и пол години, сметката на Општина Охрид беше одблокирана, а потоа ги консолидиравме и јавните претпријатија, што доведе од друга страна, до целосно раздолжување на ЈП „Нискоградба“, а секако и до финансиска стабилизација на останатите јавни претпријатија. Ова домаќинско работење значеше и крај на непотребното вработување. За првпат, по 4 години, вкупниот број на вработени во сите јавни претпријатија и локалната самоуправа е намален за 70 лица – рече Пецаков.






Овој успех ни овозможи да започнеме со реализација на капитални проекти кои беа ветување со децении наназад, додаде тој.

– Охрид за првпат доби целосно нова училишна зграда на ООУ „Кочо Рацин“. Изградивме спортска сала во Лескоец, а катната гаража веќе станува реалност со отворениот тендер. Во Трпејца започнаа градежните работи за пречистителната станица. Го реконструиравме булеварот „Македонски просветители“, како и клучни улици како „7 Ноември“ и дел од „Гоце Делчев”. Не ги заборавивме ниту приградските населби и селата – изградивме патишта до црквата „Свети Атанасиј“ во Рамне, до Плаќе и до Свиништа. Вкупно, за овие 4 години асфалтирани се повеќе од 100 улици и патишта во должина од 30 километри, и со вкупна вредност од над 323 милиони денари – рече Пецаков.

Од 10-те приоритетни проекти што им ги ветив на охриѓани пред 4 годии, 8 се веќе реализирани или почнати, додаде тој.

– Докажавме дека можеме и знаеме да направиме промени. Овие успеси се резултат на заедничката енергија, транспарентност и одговорното управување. Нашата мисија не завршува тука. Ова е само почеток, а пред нас стојат нови предизвици и уште поголеми цели – рече градоначалникот.

Новата изборна програма е плод на темелна анализа, со визија за модерен, дигитален, економски силен и зелен Охрид, кој живее во хармонија со своето езеро и културно наследство, посочи тој.

– Во програмата, голем дел од нашата енергија е посветен на изградба на современа општинска инфраструктура. Планираме: реконструкција на Кеј „Македонија“ и дел од булеварот „Туристичка“, изградба на уште една катна гаража во спортскиот комплекс „Билјанини извори“ и на Младински културен центар, уредување на кејот во Пештани и уредување на градскиот пазар, проекти за канализација и патишта во Трпејца, Долно Лакочереј, Орман, Чекоштина и други населени места, како и инвестиции во училиштата и детските градинки, вклучувајќи и поставување на фотоволтаици за енергетска ефикасност – рече Пецаков.

Ќе го воведеме Охрид во дигитална ера, најави тој.

– Ќе ги дигитализираме јавните услуги и ќе ја зголемиме транспарентноста. Ќе воведеме QR-кодови за документи, плаќање на такси преку СМС и дигитализација на седниците на Советот. Граѓаните ќе можат електронски да ги поднесуваат барањата и да го следат статусот на своите предмети – рече градоначалникот.

Ќе ја поддржуваме локалната економија со поддршка на малите бизниси и занаетчиството, како и со привлекување на странски инвестиции, додаде, и ќе формираме локален иновациски фонд за млади претприемачи.

– Нашата цел е чиста, зелена и енергетски ефикасна општина, за што веќе Советот на општина Охрид ја изгласа физибилити студијата. Продолжуваме со организација на редовни акции за чистење на езерскиот брег, поставување на модерни корпи за селекција на отпад и засадување на нови дрвја. Ќе работиме за заштита на езерото преку строга контрола на отпадните води и ќе ги субвенционираме граѓаните за соларните панели. Во областа на туризмот, ќе ја промовираме нашата дестинација како одржлива и инклузивна. Ќе изработиме стратегија за туризам 2025-2030, со фокус на еко, културен и авантуристички туризам – најави Пецаков.

Културата е срцето на Охрид, додаде, па затоа планираме реконструкција на домовите за култура во Љубаништа, Кошишта и Радојца Новичиќ.

– Ќе ја поддржуваме традицијата, и покрај постоечките Вино фест, Охрид Ватер фестивал, Џез фестивал, како и Коктел фест, ќе воведуваме и нови настани, како што е Охридски џез фестивал со интернационална вечер и Фестивал на креативни индустрии. Оваа програма е посветена на сите вас, драги сограѓани, со цел да го направиме Охрид уште подобро место за живеење. Таа е наша заедничка обврска и наш пат кон просперитетна иднина. Пред 4 години, чесно и достоинствено ја побарав вашата доверба. Денес, повторно стојам гордо, со исправена глава. Охрид не смее да застане. Охрид мора да продолжи да се развива! Знаеме како, покажавме дека умееме и продолжуваме уште помотивирани и со побогато искуство. Охрид не запира повеќе – рече кандидатот за градоначалник, Кирил Пецаков.

 

Поврзани содржини