ЌЕ БИДЕ СВЕТСКИ ФЕНОМЕН ТЕХНИЧКА ВЛАДА ДА ПАДНЕ Конфликтите во Алијанса нема да ја загрозат владата, смета Ковачевски
На прашање дали го одобрува разрешувањето на двајцата директори од Алијанса за Албанците, Ковачевски рече дека треба да се види како се правени сите разрешувања.
Техничката влада кај нас е светски феномен, што не постои никаде во свет, и сметам дека би бил уште еден светски феномен влада што е задолжена за да организира избори, да успее да падне, изјави лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, нагласувајќи дека според него тоа нема да се случи и дека техничката влада ќе успее да организира фер и демократски избори.
Ковачевски, исто така, посочи дека имаме неколку феномени во државата, како што се техничката влада, СЈО и ОТА, а кои, како што вели се резултат, на начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ до 2016 година.
– Еден феномен е техничката или Пржинска влада, втор феномен е СЈО, кое што веќе не постои и трет феномен е ОТА, што никаде во свет ја нема и тоа е се резултат на начинот на кој што владееше ВМРО-ДПМНЕ до 2016 година – изјави Ковачевски по средбата во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.
Техничката Влада, според Ковачевски, ќе успее нормално да ги менаџира работите до одржувањето на изборите, посочувајќи го како пример тоа што вчера, како што рече, на предлог на министрите од СДСМ беше решен проблемот со Фондот за здравствено осигурување.
На прашање дали го одобрува разрешувањето на двајцата директори од Алијанса за Албанците, Ковачевски рече дека треба да се види како се правени сите разрешувања, посочувајќи дека тој не го одобрил ниту разрешувањето што го направи министерот Меџити на директорката на Инфективна клиника, и дека од тој аспект не би ги коментирал разрешувањата што ги прави Владата.
– Доколку партија која членува во Влада побара нејзини членови на Влада да бидат заменети со други, тогаш нормално дека тие што се во парламент тоа ќе го предложат. Тоа се случувало и од страна на други партии, кои што имале свои претставници во Влада, па потоа предложувале други. Тоа е сепак барање на самите политички партии – рече Ковачевски.