📷 ЌЕ БИДЕ ПОТОПЛО, ПОЧИСТО И ЌЕ МИРИСА НА НОВО Почна реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман“

Предвидени се промена на водоводната инсталација, отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација, промена на инсталацијата за греење, целосна промена на санитаријата и многу други промени, според соопштението на Министерството за образование и наука.

501

Активностите за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје започнаа да се реализираат на терен, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Овие активности се предвидени во договорот што МОН на почетокот на годината го потпиша со австриската компанија „Штрабаг“ која била најповолен понудувач на меѓународниот тендер.






За 18 месеци, објектот ќе добие подобрена одржливост, ќе биде енергетски ефикасен, што значи ќе придонесе за почиста животна средина, но и ќе обезбеди финансиски заштеди, соопшти МОН.

Ова, како што се наведува во соопштението, е прва фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Македонија.

Од МОН најавуваат дека наскоро ќе започне и реконструкцијата на „Стив Наумов“ во Скопје, а потоа, во следните две фази ќе се реконструираат уште 7 други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и во Охрид.

„Предвидени се промена на водоводната инсталација, отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација, поставување на енергетски ефикасни ЛЕД светилки, промена на инсталацијата за греење, целосна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, а ќе се опремуваат и соби за студенти со посебни потреби“, се вели во соопштението на МОН.

Проектот се реализира со заем, од Германската развојна банка (KfW), од 20 милиони евра и со грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

Поврзани содржини