ЌЕ БИДЕ КОМПЛИЦИРАНО, СЕКОЈ ЌЕ МОРА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД НЕШТО Рубио потврди дека САД сакаат да стават крај на војната во Украина
Официјалната политика на САД ќе биде дека војната мора да заврши и дека ќе направиме сè што е можно за да го постигнеме тоа, изјави новиот американски државен секретар Марко Рубио.
Новиот американски државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека завршувањето на руската војна во Украина ќе биде официјална политика на САД за време на претседателот Доналд Трамп, како дел од целта администрацијтаа да промовира мир.
– Официјалната политика на САД ќе биде дека војната мора да заврши и дека ќе направиме сè што е можно за да го постигнеме тоа – изјави Рубио за телевизијата Ен-Би-Си пред церемонијата на полагање заклетва во Белата куќа.
Рубио рече дека ќе биде „комплицирано, бидејќи секоја страна ќе мора да се откаже од нешто“.
Рубио, поранешен американски сенатор, беше првиот од кандидатите за кабинетот на Трамп кој денеска положи заклетва, откако американскиот Сенат вчера едногласно ја потврди неговата номинација.
Говорејќи во Белата куќа, откако положи заклетва, Рубио вети дека ќе ја спроведе надворешната политика на Трамп „за унапредување на националните интереси“ на земјата.
Тој додаде дека друга надворешнополитичка цел на САД под Трамп ќе биде „промовирање на мирот“.