ЌЕ БАРАМЕ ОБЈАСНУВАЊЕ ЗА „ЦАР БОРИС“ И „ИВАН МИХАЈЛОВ“ Бугарија реагира на отворените постапки за бугарските здруженија во Македонија
Внимателно ја следиме ситуацијата која е поврзана и со центарот „Иван Михаилов“ и со здружението „Цар Борис“. За мене барањата се резултат на сите тие политички процеси кои се случуваат таму – вели министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков
Бугарија ќе бара објаснување од Македонија за отворањето истраги за финансирањето и регистрацијата на бугарски здруженија во Македонија од страна на македонското Обвинителство, изјави министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков.
– Внимателно ја следиме ситуацијата која е поврзана и со центарот „Иван Михаилов“ и со здружението „Цар Борис“. За мене барањата се резултат на сите тие политички процеси кои се случуваат таму. Да не се случи луѓето кои се со бугарска самосвест во Македонија да ја изгубат вербата во институциите кои треба да ги штитат и нивните права. Значи, ако има конкретни сигнали за нарушувања, кои ќе бидат проценети како такви, се разбира дека ќе реагираме. Во моментов следиме со сериозно внимание и даваме сигнали дека треба да се воздржиме од практики од минатото – изјави Милков.
Реакциите на Милков доаѓаат откако Обвинителството во Македонија поведе постапки за регистрации на бугарските здруженија „Цар Борист Трети во Охрид “ и „Ванчо Михајлов“ во Битола под силниот притисок од јавноста. Во јавноста се појавија и информации дека бугарско здружение ќе се отвори и во Богданци, а ќе биде именувано по бугарскиот Цар Фердинанд.
Според Милков во Македонија се создавала лажна дилема кај населението дека треба да се определат или за европско членство или за идентитетско прашање. Тој ја обвини опозицијата дека ги користела ставовите на дел од граѓаните за ова и повика на национален конзенсус.
Претходно Милков изјави дека двете земји сега имаат шанса да ги решат проблемите, кои траат со децении.