Е-АУКЦИИТЕ НАЈМНОГУ СЕ КОРИСТАТ ЗА ПОСТИГНУВАЊЕ НА НЕРЕАЛНИ ЦЕНИ Бизнисот бара решавање на проблемите, а не отстранување на електронските алатки
Бизнисмените велат дека е- аукцијата е добар концепт, но треба да се најде решение на проблемите поврзани со нивното спроведување и употреба , а не да се препорачува намалување на нивната употреба.
Време беше Бирото за јавни набавки да препорача е-аукцијата да биде избор, а не практика при изборот на најповолен понудувач во јавните набавки, велат експерти. Бизнисмените, пак, со став дека е-аукцијата е добар концепт во реализацијата на јавните набавки, но во практиката има голем број предизвици за кои нема решенија, што води до сомневања за манипулации. Тие предлагаат одговорните да пронајдат решенија, за проблемите поврзани со е-аукциите во прилог на успешното спроведувањето на јавните набавки.
Бирото за јавни набавки испрати писмо до компаниите и институциите со препорака во јавните набавки да се намали употребата на е-аукцијата, бидејќи анализата што ја направило во изминатиот период покажала дека е-аукцијата создава можност за манипулации и е извор на корупција при јавните набавки.
„Да се користи критериумот за избор најниска цена но без е-аукција, со цел да се ограничи можноста за корекција на првичната понудена цена (доколку нема конкуренција не се намалува цената, доколку има конкуренција постои опасност двајцата понудувачи да се договорат за тоа дали и колку ќе ја намалат цената, додека во случај на поголема конкуренција, во многу случаи праксата покажува нелогичното намалување на цените и делумно реализирање на договорот односно реализација на ставките каде цената не е многу намалена, а неиспорачување на ставките за кои цената за време на аукција е намалена многу под пазарната со цел да се добие тендерот, договорот согласно техничката спецификација не е целосно реализиран)“, се вели во препораката на Бирото за јавни набавки доставена до сите компании.
Експертите и бизнисмените велат дека досегашната практика покажува дека во дури 90 отсто од јавните набавки се користи е-аукција за да се постигнат нереални високи цени, иако новиот закон за јавни набавки предвидува овој инструмент да се користи по потреба.
– Во нашите извештаи од мониторингот на јавните набавки веќе со години наназад укажуваме на негативните ефекти од примената на е-аукцијата и препорачуваме да се намали нејзината примена, па дури да се сведе на минимум. Оттука, сметаме дека укажувањето на Бирото за јавни набавки за негативните ефекти од е-аукција и дадената препорака до сите институции и фирми да се ограничи користењето на е-аукцијата е повеќе од потребно – вели Сабина Фахиќ од Центарот за граѓански комуникации кој редовно прави анализи на јавните набавки во земјава и подготвува извештаи за тоа.
Таа додева дека во прилог на тоа говори податокот дека годинава електронска аукција била планирана во дури 90 отсто од спроведените тендери.
– Овој висок удел е проблематичен бидејќи е-аукцијата генерира низа негативни ефекти кои водат до склучување на договори со нереално високи цени и кон недозволено договарање на фирмите. Ризикот од нереално високи цени постои во сите тендерите каде е доставена само една понуда, бидејќи фирмите во очекување на е-аукција доставуваат многу повисоки првични цени. Од друга страна во тендерите каде има конкуренција проблемите се јавуваат во олеснетото договарање помеѓу фирмите бидејќи веќе си ги знаат понудите и можат да се договорат околу цените или поделбата на пазарот – појаснува Фахиќ.
Од градежништвото кое најчесто се јавува на јавните набавки организирани од институциите и општините велат дека Бирото за јавни набавки треба покрај препораката за намалување на користењето на е – аукцијата, да понуди нови решенија како замена за аукцијата кои ќе овозможат пореално спроведување на јавните набавки и утврдување на цената на чинење на јавната набавка. Сепак тие не се против да се користи е-аукцијата ако се отстранат некои проблеми поврзани со неа.
– Добро е што се препорачува да се намали употребата на е-аукцијата, но притоа треба да се препорача и кои други модели треба да се користат, а кои ќе парираат на е-аукцијата. Треба да се знае до кој износ на јавна набавка не би требало да се користи е-аукција, а од кој ќе биде применета, бидејќи не е исто набавка од 1 милион евра и набавка од 10.000 евра. Најверојатно Бирото за јавни набавки ќе треба да се дообјасни во однос на она што го препорачува и да направи посеопфатна анализа и да понуди решенија. Инаку, што би била корекцијата на понудената цена во случаи кога таа е повисока од претпоставената? Која би била реалната цена што треба да се понуди и дали тогаш тендерите ќе се поништат до добивање на очекуваната цена? За овие дилеми треба да размислат во Бирото за јавни набавки – вели Никола Велковски од фирмата „Инком инженеринг“ од Скопје.
Од Сојузот на стопански комори велат дека е-аукцијата е добар концепт, но во практика се соочува со многу предизвици за кои не постојат решенија, поради што и понекогаш деловните субјекти се соочуваат со ситуација да се посомневаат дека системот се манипулира.
– Основен проблем е што со начинот на кој се користи овој концепт не само што се урива цената, туку се урива и квалитетот, па се случува најповолната понуда поради нискиот квалитет да не може да ги задоволи потребите. Надлежните секако треба да работат на откривање на злоупотребите и нивно санкционирање, но и на понатамошно развивање на системот во насока на надминување на неговите слабости, на пример би можело условот за најниска цена, да биде заменет со решение каде еднакво ќе се бодува и цената и квалитетот – велат од Сојузот на стопански комори.