Е-АУКЦИЈАТА КРИЕ КОРУПЦИЈА И МАНИПУЛАЦИИ Бирото за јавни набавки препорача да се ограничи употребата
Во дописот упатен до институциите и компаниите Бирото за јавни набавки се повикува на направени анализи и согледувања од практиката на употребата на електронските аукции.
Бирото за јавни набавки им препорача на договорните органи да го ограничат користењето на е-аукција бидејќи во дел од електронските аукции се констатирани коруптивни и манипулативни практики кои укажуваат на однапред договорен победник. Од бироото велат дека за констатираните неправилности ќе ги извести надлежните органи.
Во дописот упатен до институциите и компаниите, Бирото за јавни набавки се повикува на направени анализи и согледувања од практиката на употребата на електронските аукции кои покажале дека во дел од нив има коруптивни и манупулативни практики и укажуваат на однапред договорен победник.
Од Бирото посочуваат дека оваа негативност ја согледале и договорните органи кои барале да се укине е- аукцијата, но и понатаму многу често ја користат во јавните набавки.
– Искуството покажува дека во случаите кога понудувачите немаат можност да ја корегираат цената по јавното отварање прават детални и реални пресметки на цената што ја нудат во својата првично поднесена понуда – велат од Бирото за јавни набавки.
Препорака на Бирото за јавни набавки е при јавните набавки да се користи критеримот за избор најниска цена, но тоа да биде без е-аукција.
– Тоа е со цел да се ограничи можноста за корекција на првичната понудена цена (доколку нема конкуренција не се намалува цената, доколку има конкуренција постои опасност двајцата понудувачи да се договорат за тоа дали и колку ќе ја намалат цената, додека во случај на поголема конкуренција, во многу случаи праксата покажува нелогичното намалување на цените и делумно реализирање на договорот односно реализација на ставките каде цената не е многу намалена, а неиспорачување на ставките за кои цената за време на аукција е намалена многу под пазарната со цел да се добие тендерот, договорот согласно техничката спецификација не е целосно реализиран – велат од Бирото.
Од Бирото препорачуваат договорните органи да го ограничат користењето на е-аукција и најавуваат дека за констатираните неправилности ќе ги извести надлежните органи.
И покрај тоа што со новиот закон за јавни набавки употребата на е-аукцијата стана право на избор на договорните органи, оваа алатка лани се користела во дури 92 отсто од јавните набавки.