ЌЕ ЈАДЕМЕ РАН ЗЕЛЕНЧУК САМО ОД УВОЗ!? Оранжериите пред затворање поради високите цени на енергенсите

Оранжериите бараат да се реши и прашањето со увоз на раноградинарски култури, бидејќи на оваа конкуренција домашното производство не може да одговори.

803

Високите цени на мазутот, струјата и на геотермалната вода се закануваат целосно да го згаснат оранжериското производство во Македонија оваа зима. Дополнителен проблем на оранжериите е и увозот на раноградинарски производи по многу пониски цени од домашните што претставува дополнителен удар за нашето раноградинарско производство.

– Целата состојба со цените дополнително влијае на оранжериското производство кое изминативе години е соочено со нерешливи проблеми. Имено, оранжериите се двојно оданочени за користење на геотермалните води преку тарифниците на две министерства. Плаќаат концесија, како законска обврска која произлегува при добивањето дозвола за експлоатација од Министерството за економија и надоместок за користење на водата определен од Министерството за екологија. Крајно време е трите министерства – економија, екологија и земјоделство да седнат и да го решат проблемот со користењето на геотермалните води за да не се доведеме во состојба да немаме раноградинарско производство – вели Бранко Балтовски, претседател на Групацијата за оранжериско и пластеничко производство на Стопанската комора.






Дополнително оптоварување на оранжериите, вели тој, е и тоа што мазутот и струјата достигнаа енормно високи цени. Најголем дел од оранжериите се затоплуваат на мазут, а овие енергенси се користат и за испумпување на геотермалната вода.

– Пумпите за извлекување на водата работат на овие енергенси, а тоа дополнително ги зголемува трошоците на компаниите кои користат геотермална вода. Во компаниите каде што загревањето се организира со мазут и други енергенси исто така имаме проблеми бидејќи цените се драстично повисоки. Дел од оранжериите пресметуваат дали и натаму да произведуваат бидејќи нивните трошоци ги надминуваат сите пресметки и она што ќе го добијат со пласманот на производите – вели Балтовски.

Оранжериите бараат да се реши и прашањето со увоз на раноградинарски култури, бидејќи на оваа конкуренција домашното производство не може да одговори.

– Имаме проблем и со непочитување на прелевманите (додатокот на цената на увезениот производ да се изедначи со цената на домашниот производ) што овозможува и енормен увоз на вакви производи од Албанија, Туркије и Грција кои се поевтини од нашите бидејќи не користат никакви енергенси во производството како земји со приморска клима. При вакви енормни цени на енергенсите, но и на ѓубривата и семенскиот материјал нашиот производ е далеку поскап и понеинтересен за потрошувачите – вели Балтовски.

Деновиве општина Кочани ја зголеми цената на геотермалната вода за 83 отсто што влијае и на зголемување на трошоците на оранжериите во оваа општина што пак се очекува и да ги зголеми цените на раноградинарското производство.

– Со ова зголемување на цената на геотермалната вода во екот на зимската сезона се зголемуваат трошоците на оранжериското производство, па зимското производство е веќе доведено во прашање. Трошоците стануваат уште поголеми, ако се пресметаат и високите цени на ѓубривата и семенскиот материјал. Сето ова може да биде причина за откажување на овој вид производство поради неисплатливоста, а земјава да остане само на раноградинарски култури од увоз – вели сопственик на оранжерија.

Во земјава има оранжерии на вкупно 240 хектари. На 200 хектари, на кои се произведуваат раноградинарски култури, основен енергент за загревање е мазут, додека за 35 хектари оранжерии се користи геотермална вода за загревање. Тие се на територија на Кочани, Подлог, Струмица и Гевгелија.

Од извоз на раноградинарски култури земјава заработува околу 20 милиони евра годишно, бидејќи 75 отсто од тоа производство се извезува.

Поврзани содржини