Ќе јадеме ли сѐ поскапа храна?

Производителите велат дека балансираат со цените на дел од производите, но како ќе биде натаму зависи од светските цени на суровините.

511

Зголемувањето на цените на прехранбените производи кои се резултат на пандемијата со ковид-19 и климатските промени нема да запре и во наредниот период. Во светски рамки ФАО предвиде раст на цената на храната за одделни производи за 40 отсто. На домашен терен, производителите на производи чија цена се формира на берза, велат дека е рано да се предвидат цените на годинашната реколта, но очекуваат тие да бидат повисоки со оглед на зголемените трошоци. Прераборувачката индустрија од прехранбениот сектор, пак, која увезува суровини очекува одредени бранувања на цените во наредниот период, а тоа ќе влијае и на цената на нивните крајни производи.

– Прогнозите на ФАО, а и генерално на сите аналитичари е дека ни следи период кога целосната светска економија ќе почувствува последици од општите услови во светот, природни катастрофи, глобално затоплување, а на тоа се надоврзува и ефектот од ковид-19, што многу се одрази и врз синџирите за производство на храна. Неминовно е да има некои бранувања, но се надевам дека нема да бидат во толкав голем размер – вели Сашо Наумоски од „Витаминка“ Прилеп.






Тој додава дека засега балансираат со цените на дел од нивните производи, пред сѐ, кондиторските, со набавки на суровина за подолг период, но, како ќе биде натаму, вели тој, сѐ ќе зависи од светските цени на суровините.

– Иако поголем дел од суровините се набавуваат од увоз, сепак „Витаминка“ предвремено се снабдува со голем дел од потребните материјали и на тој начин избегнуваме кога можеме ценовни превирања односно ја одржуваме актуелната пазарна цена. Континуирано соработуваме со повеќе различни добавувачи од различни земји, така што секогаш бараме опција за избегнување евентуално варирање на цените – вели Наумоски.

Во врска со повисоката цена на маслото за јадење, Наумоски вели дека таа е резултат на варирањето на цената на берзата.

– „Витаминка“ редовно се снабдува со сирово масло од увоз, а сончогледот и сончогледовото масло е берзански производ. Цената на маслото веќе 7-8 месеци континуирано расте. Редовно се набавуваат поголеми количини масло со коишто го покриваме месечното производство и континуирано го снабдуваме пазарот. Варијациите на берзанската цена на маслото се должат на глобалниот недостиг на сирово масло што пак е резултат на сушните периоди во изминатите неколку години. Оперативноста и потребите на производниот процес ни налагаат следење на берзанските трендови, и промена на цената како расти цената на берза – додава тој.

Огнен Оровчанец, претседател на Агро-бизнис комората на Сојузот на стопански комори, пак, очекува повисоки ценни за пченицата и на другите житарки, но и на сончогледот и другите индустриски култури, со оглед дека и трошоците за нивно производство се зголемени.

– Со оглед дека овој производ е берзански и цената се утврдува на тој начин, рано е да зборуваме за цената на пченицата од годинашната реколта. Но, факт е дека трошоците за производство на пченица и другите житарки се драстично зголемени во овој период. Цената на нафтата секојдневно бележи пораст, а и ѓубривата кои се користат за прихранување на пченицата и другите житни култури за неколку месеци се зголеми за 50 отсто. Пораснаа и другите трошоци. Сето тоа ќе влијае и на нивната цена – вели Оровчанец.

Агро-бизнис комората, додава тој, веќе подолг период алармира дека влезните трошоци во производството на пченица и другите земјоделски производи влијаат и на намалување на површините кои се обработуваат што пак дополнително влијае на свртеноста кон увоз на голем дел од производите кои можат да се произведат во земјава.

Поврзани содржини