Ќе ја расипе ли Талат Џафери можната предизборна коалиција на Мицкоски со Села и Гаши?
Ако ВМРО-ДПМНЕ излегува со став против Џафери, односно со интерпелација бидејќи во Европскиот парламент говорел на албански јазик, тоа коалицијата СДСМ и ДУИ максимално ќе го искористи во предизборната кампања, а нам ќе ни наштети, велат за Плусинфо од коалицијата АА-А.
Интерпелацијата за Талат Џафери е можно да биде камен на сопнување за прва предизборна коалиција на локалните избори во октомври помеѓу опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, брифираат за Плусинфо функционери од АА-А.
Алијанса и Алтернатива премеруваат колку интерпелацијата за претседателот на Собранието, Талат Џафери, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ ќе им нанесе штета ако се решат за предизборна соработка со најголемата македонска опозициска партија.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, за телевизијата Сител вчера и официјално обелодени дека во партијата има расположение за предизборна коалиција со АА-А.
– Во ВМРО-ДПМНЕ има расположение за предизборна соработка со Алијанса и Алтернатива и мислам дека такво расположение има и кај овие две партии. Можни се две опции. Едната опција е ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса и Алтернатива да се договорат за целосна заедничка предизборна коалиција уште пред првиот изборен круг во сите општини. Но, можна е и комбинирана опција, во смисла да се договориме за заеднички настап во Скопје, Гостивар, Тетово, Струга, во Бутел и во уште десетина општини и да оставиме во другите општини да настапиме самостојно, па да коалицираме во вториот изборен круг – изјави Милошоски.
Тој оцени дека АА-А има добри кандидати во Гостивар, Тетово, Чаир, а гласачите на ВМРО-ДПМНЕ би ги поддржале, со добро утврдена програма каде секој ќе ги препознае интересите на граѓаните.
Плусинфо веќе објави дека ВМРО-ДПМНЕ размислува за можна предизборна коалиција со АА-А, особено откако веќе е јасно дека владејачките СДСМ и ДУИ и на претстојните локални избори ќе настапат во коалиција.
Од Алијанса и Алтернатива за Плусинфо велат дека сè уште е на сила последната одлука на коалицијата донесена со консензус – во првиот изборен круг да настапат сами, а соработка со други партии да има во вториот изборен круг.
– Сè уште сме во внатрепартиски преговори за поделба на општините, односно каде да номинираат кандидати за градоначалници Алијанса и каде Алтернатива. Ова ќе се знае многу скоро. Начелно има подготвеност за коалиција со македонска партија со која ни се поклопуваат програмските определби, како и интересите на локално ниво бидејќи станува збор за локални избори – вели функционер од коалицијата АА-А.
Но тој додава дека клучно за евентуална предизборна соработка со ВМРО-ДПМНЕ е во периодот пред локалните избори да не се испраќаат „лоши“ мегунационални пораки.
– Било која лоша меѓуетничка порака би влијаела лошо на евентуалната соработка. Ако ВМРО-ДПМНЕ излегува со став против Џафери, односно со интерпелација бидејќи во Европскиот парламент говорел на албански јазик, тоа коалицијата СДСМ и ДУИ максимално ќе го искористи во предизборната кампања, а нам ќе ни наштети. Тоа прави многу лош пиар кај албанскиот електорат. Такви пораки и одлуки не треба да има во предизборие ако сакаме да соработуваме. Ние сме заинтересирани за соработка, но ништо нема да постигнеме ако имаме соработка, а ги изгубиме изборите – велат од АА-А.
Тој додава дека АА-А имаат многу забелешки на работата на Џафери, но интерпелацијата затоа што говорел на албански јазик и дека на пратениците не Албанци им доставува материјали на албански јазик никако не им одат во прилог за соработка со македонска партија уште во првиот круг.
Според нашите соговорници, очекувано е по завршувањето на внатрекоалициската поделба на општините, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Африм Гаши да остварат средба на која дефинитвно ќе се пресече за евентуална предизборна коалиција за локалните избори.