Веста дека од 1 март Бугарската национална телевизија ќе ја следиме и во Македонија, на најгледаната платформа кај нас, ме израдува. Тоа навистина е прекрасен потег!
Како никој порано не се сети за ова?
Ние во Македонија одамна ги следиме српскиот и хрватскиот јавен сервис, а покрај нив и програмите на многу српски телевизии. Имаме можност да следиме и албански телевизиски канали. На тој начин, добиваме поширока слика за настаните, за состојбите во општествата и воопшто, за културата и за начинот на живот во соседните земји.
Вистинска штета е што поради јазичната бариера, не сме во можност да следиме ниту еден од грчките телевизиски канали. Не ми е познато дали кај нашиот јужен сосед има телевизија на англиски јазик, но ако има, би сакал и таа да „зрачи” во Македонија.
Голем дел од нашите проблеми со соседните земји произлегува од фактот што сè уште во областите на размената на информации и културни добра, онаа трагична „челична завеса” од минатото опстојува. Во случајот со Бугарија, тоа е посебно изразено. А со малку желба и љубопитство, ние Македонците би можеле да читаме книги и весници на бугарски јазик, да гледаме телевизиски емисии и бугарски филмови без превод и слично.
Патем речено, БНТ е солидна телевизија, со квалитетна продукција. Мислам дека таа ќе биде освежување во понудата во Македонија. Од тој аспект, нејзиното „зрачење во етерот” ќе биде полезно, во смисла на демонстрација на стандарди за квалитет што треба да ги применат и македонските телевизии со национални концесии. Такви репери сега поставуваат ХРТ, Н1, Нова С и некои други канали, кои со задоволство ги следиме.
Затоа, 1 март го чекам со љубопитство, но и со мала загриженост. Имено, договорено е во Бугарија да се емитува МТВ, како некаков вид реципроцитет. Тоа бездруго е коректно, но јас, искрено, сум загрижен од тоа што МТВ ќе го понуди на тамошниот „пазар” како продукција и каков впечаток за Македонија ќе стекнат Бугарите следејќи го македонскиот јавен сервис.
Телевизијата е многу повеќе од медиум за информирање на јавноста, таа е слика за општеството и за културата на живеење на луѓето во една земја. Во таа смисла, со мали исклучоци на некои програми, МТВ нѐ претставува во лошо светло. Ние секако не сме за фалење, но на јавниот сервис изгледаме полоши отколку што сме. Во секој поглед.
Но ако… Можеби токму овој потег некого ќе натера да сфати дека е неопходна сериозна реформа на јавниот сервис, а не само политичка контрола врз информативните програми на МТВ.