ДВОЗАКОНИЕТО ЌЕ ЈА ЗГОЛЕМИ КОНФУЗИЈАТА НА ДВОЈАЗИЧНОСТА Академик Ќулавкова ги критикува решенијата од новиот Закон за употребата на македонскиот јазик

Законот за јазиците ја релативизира до степен на укинување обврската на граѓаните на Републиката да го учат македонскиот јазик и да го употребуваат во практиката. Новиот закон не само што не ги решава, туку и ги продлабочува проблемите, пишува Катица Ќулавкова во колумна во „Нова Македонија“.

733

Со новиот Закон за употребата на македонскиот јазик се зголемуваат конфузијата и противречностите поттикнати со Законот за јазиците од 2019 година. Споредбената анализа на постојните законски акти кои се однесуваат на употребата на јазиците ќе ја покаже проблематичноста (институционална, финансиска, комуникациска), ако не и апсурдноста на двозаконието, пишува академик Катица Ќулавкова во колумна во „Нова Македонија“.

Со Законот за јазиците, како и во практиката, употребата на македонскиот јазик во државните институции и органи, како и во општеството, постепено се ограничува и се деградира. Еден говорител на јазик на популација од 20 отсто има поголеми јазични права во практиката од уставното право на македонските говорители. Тоа ја релативизира до степен на укинување обврската на граѓаните на Републиката да го учат македонскиот јазик и да го употребуваат во практиката.
Македонскиот јазик, со Законот за јазиците е маргинализиран, до толку повеќе што и Инспекторатот и Агенцијата имаат првенствено функција да ја спроведуваат и да ја штитат употребата на албанскиот јазик на сите нивоа и во сите институции во државата, а не да се грижат за македонскиот јазик кој нема ограничувања, според Уставот, за да биде употребуван во државата, индивидуално и институционално.






Наместо да се донесе најнапред Национална стратегија за македонскиот јазик, или национална стратегија за статусот и употребата на македонскиот јазик како државен јазик и на другите јазици во Републиката, се носи само нов Закон за употребата на македонскиот јазик. Повеќе предложени законски решенија го ставаат македонскиот јазик во несоодветна позиција.

На пример, со овој нов Закон се предвидува за вршење инспекциски надзор над примената на Законот да се основа Инспекторат за употребата на македонскиот јазик, во состав на Министерството за култура, со својство на правно лице, за разлика од Инспекторатот предвиден со Законот за употребата на јазиците кој е орган на Министерството за правда. Веќе со оваа законска мерка се гледа дека Инспекторатот и Агенцијата предвидени со Законот за јазиците се однесуваат на албанскиот јазик, а не и на македонскиот. Инспекторат во рамки на Министерството за култура ќе има подреден статус и ингеренции во однос на Инспекторатот во рамки на Министерството за правда.

Целата колумна на овој ЛИНК.

Поврзани содржини