ДВОКАТНИТЕ АВТОБУСИ БИЛЕ НАМЕРНО САБОТИРАНИ Попов од СДСМ вели дека тоа се несериозни обвинувања
Кога би можеле граѓаните да користат бесплатен јавен превоз, едно од главните ветувања на новата градоначалничка Данела Арсовска, Андоновски тврди дека од самиот почеток било посочувано дека тоа ќе биде етапен проект и не отстапува од констатацијата дека е можен.
Која е вистинската висина долгот на Град Скопје и што ќе се случи со Бас рапит транзит системот и бесплатниот јавен превоз во главниот град на земјава, беа дел од темите на вечерашната Топ Тема на Телма.
Советниците Мартин Попов од СДСМ и Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ разменија многу аргументи за главните ветувања од предизборната кампања, но и обвинувања за претходните и сегашните раководства на градот.
Андоновски го обвини претходниот градоначалник Петре Шилегов за недомаќинско работење поради кое го оставил буџетот на општината руиниран како после војна. Вели дека започнувал проекти само за да ги рекламира и малку подоцна да ги напушти. Во однос на БРТ системот и последните информации кои се појавија во јавноста дека проектот ќе биде прекинат, Андонов посочи дека има неколку опции како да се продолжи и не ја исклучува можноста за референдум, но тврди дека на граѓаните не им е јасно каков е тој систем, и што ќе донесе.
– Прво треба да разјасниме што е тоа БРТ, без тоа не знам какво прашање ќе им поставиме на граѓаните. Една од опциите е референдум, се разгледува опцијата за ревизија на проектот, но треба да знаеме што содржи проектот. Дали тој проект содржи нов мост од Карпош кон Влае? Кој тој ќе чини? Дали во проектот се содржи дека ќе пропаднат коловозните ленти под Железничка станица, затоа што долу има магацини под булеварот. Дали ќе биде уништен паркот во Ново Лисиче, каде што ќе биде појдовната станица? Дали ќе се уништи зеленилото во централното подрачје долж Партизански одреди? Што ќе се случува ако снема струја, ако има сообраќајка сред систем, или протести пред собрание? – праша Андоновски.
Попов одговори дека до сега слушнале многу аргументи зошто проектот не треба да биде реализиран, но не слушнале ниту една алтернатива.
– БРТ е направен врз основа на тригодишен проект во кој биле вклучени експерти од Брисел, Лондон, Универзитетски професори. За тоа има 8 кутии документи, побарајте ги од градоначалничката. Направен е на начин да не се прокопува целиот град за поставување шини, најдовме начин сето тоа да го реализираме без да му наштетиме на зеленилото и да се зголеми ефикасноста на јавниот превоз – тврди Попов.
Кога би можеле граѓаните да користат бесплатен јавен превоз, едно од главните ветувања на новата градоначалничка Данела Арсовска, Андоновски тврди дека од самиот почеток било посочувано дека тоа ќе биде етапен проект и не отстапува од констатацијата дека е можен. Андоновски уште обвини дека во ЈСП, по налог на Шилегов, намерно биле саботирани двокатните автобуси.
За Попов пак, тоа се несериозни обвинувања.
– Сигурен сум дека овие обвинувања не се издржани, бидејќи од она што го имам како информација е дека двокатните автобуси, за кои да потсетам има предмет во ОЈО, за начинот на кој беа набавувани, не постоеше начин како да се набават делови. ЈСП се соочуваше со проблем како да ги сервисира. Тоа беше лоша набавка која знаеме како резултираше – рече Попов.
Во однос на пристапот на лицата со попреченост до јавниот градски превоз, Андоновски одговорноста ја префрли кај поранешното раководство на ЈСП.
– Одговор треба да даде доскорешниот директор на претпријатието, дали политиката на ЈСП е поставена од претходниот директор не знам, но тој треба да даде одговор како тоа се случило. Двокатните автобуси имаа рампи за лица со попреченост и специјален дел за лица со попреченост и тие се користеа, потсети Андоновски.
Што се однесува до вистинскиот долг на Град Скопје, иако во јавноста се појавија обвинувања дека тој изнесува над 150 милиони евра, Попов тврди дека тој е под 50 милиони.
– Долгот е под 50 милиони евра, и е ист како што беше во 2017 година кога Петре Шилегов ја презеде функцијата и од неговиот претходник наследи долг од 50 милиони евра – рече Попов.