ДВОЧАСОВЕН СПЕКТАКЛ ЗА ЛЕО И ЗА „BACK TO SCHOOL“ Аеродром го одбележа почетокот на новата учебна година
Општина Аеродром, традиционално и оваа година со двочасовен музички и забавен „Back to School“ настан организиран во соработка со ТЦ Капитол, го одбележа почетокот на новата учебна година. Настанот оваа година имаше и хуманитарен карактер за поддршка на лекувањето на Лео.
Граѓаните синоќа имаа можност да ја проследат музичката програма, а масовното присуство е уште една потврда дека станува збор за настан со кој традиционално им посакуваме успешен почеток на сите ученици од Аеродром и со кој ја покажуваме нашата хуманост на дело.
Градоначалникот Тимчо Муцунски на социјалните мрежи упати благодарност до граѓаните за масовното присуство и за поддршката која сите заеднички ја даваме за лекувањето на Лео.
Хуманитарниот „Back to School“ настан беше отворен со настапот на детскиот хор „Поточиња“ и танцовото студио „Марбел“, по што следуваа настапите на популарните Теа, Лара, Пајак, Таско, Огнен и Некст Тајм.
Модернизација на образовната инфраструктура и обезбедување на соодветни услови за реализација на наставата се важен приоритет на Општина Аеродром. Реконструкција на училиштата, субвенции за учениците од прво одделение, таблети за учениците од четврто одделение и нови униформи за сите ученици се само дел од мерките за унапредување на образованието кој општина Аеродром успешно ги реализира пред почетокот на новата школска година.