ДВОЈНО ПОВИСОКИ ДАНОЦИ ЗА ИМОТ, РЕШЕНИЈА ЗА УМРЕНИ… Скопјани реагираат на грешките, Арсовска се фали дека ја зголемила наплатата

Процентот на погрешно изготвени решенија е многу мал и тие се случуваат поради неажурност на даночните обврзници. Од почетокот на мандатот на Арсовска бројот на евидентирани имоти е зголемен за 28,35%, бројот на решенијата е зголемен за 12,11%, а износот на пресметан данок во тие решенија е зголемен за 27,93%, велат од Градот.

1,216

Скопјани остро реагираат откако добиле повисоки суми во решенијата за данок на имот за 2023 година или пак добиле решенија на име на починат родител. Неколкумина споделија дека се изненадени бидејќи во решението било наведено дека треба да платат двојно повеќе во споредба со минатите години. Други се жалат дека покрај тоа што добиле решение на нивно име, им стасало решение и на име на некој од нивните починати родители, чија оставинска постапка одамна била завршена. Имало и случаи решенија да стасаат и на име на луѓе кои се починати пред повеќе од 20 години.

Граѓаните се во недоумица дали има зголемување на данокот или станува збор за грешка при пресметувањето на даночните власти во Градот.






Скопјанецот Игор М. вели дека во решението за данок на имот за 2023 година му стои дека треба да плати 5.865 денари, иако во претходните години плаќал по 5.701 денар, а притоа немало никакви промени во недвижниот имот.

– Навистина се изненадив кога пред неколку дена пристигна решението за наплата на данок за имот. Прво си помислив да не станува збор за некој заостанат долг, но знам дека досега сите сметки кон Градот ги имам платено. Имам куќа на два ката. На едниот живеам јас со сопругата, а на другиот синот со неговата сопруга. До лани за двата ката на исто решение плаќавме по 5.701 денар. Оваа година, не знам како, без никаква најава ни пристигнаа две посебни решенија и јас и синот треба да платиме по 5.865 денари, што е двојно повеќе од претходната година. Доколку ова е точно, тогаш станува збор за двојно посакување на таксата, а за што претходно од никого не добивме известување – вели револтираниот Игор.

Скопјанецот Бранко бил изненаден дека од Град Скопје му биле испратени две решенија за данок на имот за станот во кој живее. Едното на негово име, а другото на неговиот починат родител.

– Станот го добив со наследно решение од мојот починат татко. Сите давачки беа исплатени и промената беше заведена во Град Скопје. Од смртта на татко ми поминаа 7 години. Од кога е направена промената решенијата пристигнуваа на мое име. Сега пристигна решение и на име на мојот починат татко – вели Бранко.

Бурна реакција имаше и познатиот спортски новинар Игор Филевски – Филе на социјалната мрежа Фејсбук, откако му пристигнало писмо адресирано до неговиот починат татко пред 25 години за да плати данок на имот. Филе се обрати до скопската градоначалничка Данела Арсовска, која ги потпишува решенијата за наплата на данок.

„Татко ми е починат пред 25 години! Оттогаш, станот за кој му пристигнало писмо од Град Скопје, трипати го менува сопствеништвото, меѓу кои е и оставинската постапка која е завршена, судски заведена и катастарски регулирана уште пред 24 години. И сè е исплатено и администрирано по сите протоколи, уште тогаш, пред 24 години. И сè до вчера, мојот починат татко немал ниту проблем, ниту пак му стигало некакво писмо. Но, ете, за сè има првпат. Вчера му стигнало писмо од Град Скопје, за да плати данок на имот за станот за минатата година!? Потпишано од градоначалничката“, напиша Филе.

Тој ја прашува Арсовска дали знае воопшто што потпишува и дали воопшто знае што работи нејзината администрација.

„Во каков ли хаос живее градот кој некогаш беше синоним за радост, гордост и убав живот?“, пишува Филевски.

Од Град Скопје нè информираа дека процентот на погрешно изготвени решенија е многу мал, а и дека тие се случуваат поради неажурност на даночните обврзници.

– Во однос на прашањето за погрешни изготвени решенија, достава на решенија на двајца обврзници за ист имот или доставени решенија на починати лица, ве известуваме дека процентот на грешки е многу мал и тоа поради неажурност на даночните обврзници, кои согласно член 29 од Законот за даноците на имот, се должни да поднесат даночна пријава за нов стекнат имот односно отпочнување на користење на недвижниот имот веднаш по настанување на промената – ни одговорија од Град Скопје.

Град Скопје односно Секторот за даноците на имот и комунални такси во текот на 2024 година има изготвено вкупно 240.697 илјади решенија со вредност 1.042.678.260 денари.

– Согласно сметководствената евиденција на органот заклучно со првиот квартал се евидентирани приходи во вкупен износ од 383.153.986 денари, односно 36,75% – велат од Град Скопје.

Градоначалничката Данела Арсовска лани ја обвини Агенцијата за катастар за недвижнини дека не им ги дава податоците за сопствениците на имоти во главниот град и дека им било побарано да платат 2 милиони евра.

Податоците на Градот Скопје тогаш покажуваа дека само 25% од сопствениците на имот во Скопје плаќаат данок на имот. Дури 75% од имотите во главниот град не се пријавени. Не е подобра ниту состојбата во останатите локални самоуправи во земјава. Одделни општини воопшто и не наплаќаат ваков данок.

Во врска со ова прашање од Град Скопје за Плусинфо велат дека од кога Арсовска е градоначалник е зголемен бројот на издадени решенија за данок на имот, но бројката на незаведени имоти и натаму останува голема.

– Од страна на секторот е направена подетална анализа и констатирано е дека на почетокот на мандатот на градоначалникот односно во 2022 година во секторот на даноци на имот и комунални такси биле изготвени 214.686 решенија во износ од 814.894.881 денари, додека веќе во 2024 година се изготвени 240.697 решенија со износ од 1.042.678.260 денари – нè информираа од Градот.

Оттаму додаваат дека согласно податоците од почетокот на мандатот на Арсовска бројот на евидентирани имоти е зголемен за 28,35%, бројот на решенијата е зголемен за 12,11%, додека износот на пресметан данок во тие решенија е зголемен за 27,93%.

Поврзани содржини