Двојните аршини на проруски настроените Македонци
Колку што е Украина руска, толку е Македонија албанска или бугарска. Колку Македонија, толку и Украина е творба на Коминтерната.
Војната во Украина не се смирува, а и реакциите од неа кај нас. Иако политичарите, како за ниедно витално прашање за домашните проблеми, се согласија за осуда на руската агресија, во народот постојат поголеми поделби околу тоа што е исправно. И паралели со други војни во светот, исто ужасни, а занемарени, барем од домашната јавност. За тоа можеме да ги обвиниме и медиумите, а и нашата незаинтересираност за светот, која е оставена на изборите што ги носат нашите медиуми.
Сепак, неколку тези во војната меѓу Русија и Украина можат да имаат огромно влијание кај нас, тези кои проруски настроените лесно ги прифаќаат. Јасно, би рекле дека она што се случува во Украина е различно од сето она што што го знаеме и што нè засега, а различно е само затоа што не се случува во Македонија – да е поинаку, ќе нè тангираше сите.
Една од тезите е дека Украина е руска и дека Русите таму се маргинализирани и дискриминирани. Навистина има примерии за тоа, ужасните злосторства над Русите од страна на неофашистичките одреди во Донбас. Меѓународната заедница не ги осуди, а не ги ни процесираше тие геноциди врз Русите. Дури и еден од водачите на озлогласениот батаљон Ашов стаса да стане дел од украинскиот парламент. Тие ужаси се премолчени од меѓународните фактори и со тивок амин на Украина.
Каде сме ните во ова? Во процентите и во проблемот Украина да се нарече руска. Во Украина, според пописот, има околу 18 отсто Руси. Ако со 18 отсто Руси може Украина да биде руска, која е гаранцијата дека утре нема да се појават сепаратисти во Македонија земја со над 20 отсто Албанци, кои ќе тврдат дека Македонија е всушност албанска?
Водени од логиката на прорусите кај нас тие би требало со овој процент да застанат зад идејата за поделба на Македонија.
Истото може да го рече и Бугарија. Според бројката на бугарските пасоши, има огромно малцинство во Македонија. Значи ли тоа дека ќе биде легитимно утре да видиме бугарски тенкови на границата? Веќе од бугарска страна се врти приказната за дискриминација на нивното малцинство кај нас, а ако тргнат да го заштитат по рускиот рецепт, прорусите ќе мора да застанат од нивна страна.
Македонија се наоѓа на три мапи на „големи држави“ кај нашите соседи, така што агресиите низ светот од големодржавни позиции никако не ни се во прилог.
Опасен преседан за нас е тврдењето на Путин дека Украина ја измислиле комунистите. Смени само Путин со Борисов и Украина со Македонија и – истата изјава веќе и не ни е така далечна. И Путин и Борисов се убедени дека Украина и Македонија се творби на Коминтерната.
Се разбира дека веднаш треба да ја отфрлиме бугарската глупост, затоа што Македонија има историја и свој пат до независноста платен со животи и со крв. А можеме ли, во исто време, да ги погледнме Украинците во очи и да им кажеме дека не постојат и дека се тука со указ на Сталин?
Она што ни го прават нас, би им го направиле ли на другите?
Еден од главните „аргументи” е дека Украина не смее во НАТО. Тоа е барање на Русија, која веќе се граничи со членки на НАТО. Не е ли тоа мешање во внатрешните работи на суверена држава? Дали Украина сака и дали смее во НАТО е проблем на Украина и – на никој друг.
Додека овде Грција ни го одредува името, а Бугарија ни ги менува Уставот и историјата и ни создава револт, кога се работи за други народи ние лекоумно прифаќаме дека некој однадвор може да им ги крои политиките и курсот во која насока ќе се развиваат.
Уште еден фактор е странското влијание во Украина, со посебен акцент на западното влијание. Путин како решение за тоа нуди смена на власта во Киев и да дојдат проруски наклонети политичари. Во основа, Русите немаатпроблем со странското мешање, сè додека тоа го прават тие.
Ни НАТО ни Русија очигледно не гo прашуваат украинскиот народ, само го шират своето влијание. Исто како што ние, за многу работи кои ни создаваат револт, не сме прашани, од нашите отворено прозападни власти. А кога ќе се суспендира демократијата во една земја, дали ти донеле Американците или Русите свој човек за цар или говедар исто му се фаќа тоа веќе не е владеење на народот.
Или не е така?