ДВОЈНИ АРШИНИ И ВО СЛУЧАЈОТ „ДВОЈНИК“ Зошто не е покрената постапка за организаторите на издавањето фејк пасоши на белосветски криминалци?

Една стара изјава на судијката Оља Ристова, за селективната правда во Македонија, која деновиве се преобјавува на социјалните мрежи, го отвора прашањето дали е ставена точка на случајот на издавање 215 пасоши, кој лани беше голем скандал, што се покри експресно, со затворски казни за нискорангирани службеници во МВР. Еве што вели за тоа Ристова за Плусинфо.

1,962

Има ли селективна правда во Македонија? Дали правдата за некого е мајка, за некого маќеа? Дали во земјава има „недопирливи“, кои го кршат законот, но се наоѓаат на толку важни и моќни позиции, па правдата до нив не допира?

Сите во Македонија имаме општ впечаток дека е така, но кога тоа ќе го каже судијка со долгогодишно искуство, која и самата дневно се занимава со делење правда, тврдењето добива голема тежина. Деновиве токму едно такво тврдење на судијката Оља Ристова од Основниот суд Скопје 1 (или Кривичен суд) го обиколи македонскиот интернет простор и го актуелизира прашањето за селективната правда, која, велат некои, е исто што и неправда.






Друго прашање е зошто оваа нејзина изјава, која е стара една година – кажана е за време на една стручна расправа организирана од Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија – е „извадена“ токму сега во јавноста? Дали некој новинар или љубопитник случајно ја „открил“ на веб-страницата на оваа невладина организација, поддржана од УСАИД и владата на Словачка, му се видела интересна и ја споделил, или пак некоја партиска или судска кујна, свесно ја (зло)употребува за да испрати некаква порака некому, ни останува да нагаѓаме.

Судијката Ристова, во својот настап на деветтата сесија на работната група 4 (Правда, слобода и безбедност, Поглавје 24), на која таа е член, за илустрација на појавата на селективна правда во македонското правосудство, се послужила со своето богато лично искуство.

Би сакала да кажам дека дефинитивно постои селективна правда, во однос на полицијата и јавното обвинителство. Јас сум судија во Кривичниот суд во Скопје и тоа можам да го видам низ предметите кои што се доставуваат до мене за судење. Многу јасно се гледа во тие предмети дека дел од службените лица се опфатени во тие предмети, меѓутоа дел не се опфатени. Едноставно, никому не му е јасно зошто тоа е така, меѓутоа тоа го знае полицијата и обвинителот кои се занимавале со тие предмети. Како тоа да се надмине? Би требало да има некаква ревизија на работата на тие предмети, на полицијата, на јавното обвинителство, бидејќи судот никако не може понатаму да реагира и не може да додава обвинети, секако, согласно законот, она што е во обвинението тоа и се суди – рекла судијката Ристова во своето излагање на сесијата чија тема била „Што стои на патот во спроведувањето на антикорупциското законодавство“.

 

Иако во овој дел од изјавата, која масовно се споделуваше на порталите и на социјалните мрежи, судијката Ристова не спомнува конкретен случај, туку зборува општо за една категорија предмети, во објавите таа изјава беше пласирана и поврзана исклучиво со случајот „Двојник“ во кој таа судеше. Станува збор за добропознатиот случај на противзаконско издавање македонски пасоши (дури 215), на лица кои не исполнуваат услови за тоа, па дури и на криминалци од земјава и регионот.

Обвинителниот предлог за овој случај беше поднесен на 14 април 2021 година, пасошите се издавале во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година. Судењето заврши релативно брзо, во текот на мај 2021 година, откако осуммина од обвинетите ја признаа вината. Беа осудени вкупно 11 лица, добија казни од 1 до 3 години затвор, а еден од нив доби условна казна.

Јавноста тогаш реагираше дека казните се мали, дека „големите риби“ се спасиле, жртвувајќи ги пониските службеници, кои не би можеле да ја реализираат целата шема на своја рака без знаење и согласност на повисоките функционери во МВР. Настрана, што во целата шема сигурно се вклучени големи поткуп, со оглед на тоа што главни „муштерии“ за вакви пасоши биле лица со криминално досие и бегалци од правдата.

Според обвинението на обвинителката Спасенка Андонова, кое судијката го прифати, обвинетите издавале пасоши за да остварат материјална корист. За пасошите користеле идентитети на македонски државјани, кои дотогаш не ваделе македонски пасоши, а се иселени од земјава или од раѓање живеат во странство. Со податоците од овие македонски државјани и фотографија од странците што ги добивале пасошите, обвинетите ги изработувале преку системот на МВР. Странците што ги добивале патните исправи се лица што се бараат со меѓународни потерници, но благодарение на македонските пасоши со туѓ идентитет можеле слободно да се движат.

Судијката Ристова, со која контактиравме за да ја појасни оваа своја изјава, вели дека стои зад тоа што го кажала пред околу една година на сесијата на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија, но нема објаснување со каква цел таа сега се преобјавува и актуелизира.

– Точна е таа моја изјава, но не е нова. Се однесува и на случајот „Двојник“, но не само за него. Има повеќе такви случаи, а таквата појава особено може да се забележи кај случаи каде што има голем број обвинети. Јас таму велам дека „полицијата и обвинителството треба да објаснат“ зошто некои службени лица не се опфатени со обвинението и истрагата. Понекогаш обвинителите и полицијата, за да најдат соработници на правдата, се спогодуваат со некои лица за да не ги вклучат во обвинението за да добијат повеќе информации за случајот. И тоа не важи само за овој случај – вели судијката Ристова.

За конкретниот случај „Двојник“ Ристова вели дека по изрекувањето на нејзината пресуда логично било да се очекува да почне друга постапка, насочена кон организаторите на криминалната шемата на издавање пасоши. Таа постапка би требало да ја покрене Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, но сè уште таков обвинителен акт не е покренат. Зошто е тоа така треба да одговорат од ова Обвинителство.

Судијката Ристова е позната во јавноста по своите отворени и храбри настапи. Поради тоа за време на претходната власт, во 2016 и 2017 година, два пати беше прераспоредувана „по казна“ од Кривичниот, во Одделот за сообраќајни прекршоци. Честопати знае во своите јавни настапи да ги укори политичарите да не го злоупотребуваат судството за собирање политички поени. Така, по пресуда за случајот „Таргет – Тврдина“, кој се однесува на прислушувањето, им порача на тогашните функционери да не ја претставуваат пресудата како свој „успех“ и „конечна правда“, (како што напиша тогашниот премиер Зоран Заев на Фејсбук) бидејќи на тој начин го поткопуваат кредибилитетот и независноста на судството.

Поврзани содржини